Традиционални, народни, домашни, руски, фински, бабини... На интернет, а особено на социјалните мрежи, врие од реклами и препораки за лекови, препарати, помошни лековити средства и за деца и за возрасни. На социјалните мрежи се нуди сè и сешто, а и, како што некои ги претставуваат, волшебни производи, зашто, според она што се пишува, лекуваат од болни јајчници, миоми и стерилитет до кашлици, зглобови, болна простата, нервозни црева и хемороиди. Голем дел се со солени цени. Лекарите и здравствените власти се категорични: Бидете критични и добро внимавајте со што се лекувате за да не се доразболите, консултирајте ги докторите, а лажното препорачување и рекламирање е опасно, незаконско и казниво.
Лекарите треба да бидат запознаени со терапијата
Во обид за поголема продажба на терапија, како што се презентира, неодамна беше злоупотребено логото на државна институција, па, како што најавија оттаму, работата се расчистува преку Министерството за внатрешни работи.
Пациентите се заинтересирани за производи што се продаваат како „природни“, но, според лекарите, често избрзуваат во одлуките.
- Три месеци со сопругот користевме терапија за стерилитет, меѓу која имаше и чаеви. Се одлучивме за неа откако прочитав сведоштва во групи на „Фејсбук“ дека помогнала. Сега кога го враќам филмот, се сеќавам дека беа покриени имињата на сите што сведочеа. И по три месеци, можам да кажам дека залудно изгубивме време и фрливме пари. Сепак, потоа бев на операција, па на ин витро. Со такви препарати наводно се лекува и претканцерозна состојба на грло на матка. Замислете некое девојче така неуспешно да се лекува и сето тоа да премине во рак. Во разговори во групи на социјалните мрежи ни ги претставуваат како лекови, а во официјалните реклами велат дека помагаат во лекувањето. Човек што има мака често е слеп и не ги забележува детаљите – вели К.Р. од Скопје.
Мајка на петгодишно девојче раскажува дека купила сируп од глуварче од жена што го подготвува за искашлување.
- За глуварчето само убави работи може да се прочитаат и верувам дека е така. Меѓутоа, со сирупот нешто не беше во ред. Девојчето цел ден повраќаше од него – вели таа.
Лекарите објаснуваат дека она што се прикажува како „природно“ не значи и дека е безбедно за сите. Пациентите не треба да се лекуваат сами, потенцираат лекарите.
Д-р Весна Стојанова-Атанасовска, матичен педијатар, вели дека и родителите на децата често се некритични и избрзуваат.
- Имам пациенти што плаќаат по 50 евра за лек од некоја жена, како што велат на база на мед, наводно за искашлување. Дозата е за 10 дена. Си споделувале информации меѓу себе. Но не можев да забележам резултат од него. По тоа време детето пак кашла. Исто така, донесоа дехидрирано четиримесечно бебе. Му ставиле чепче за клизма за да се испразни, чепче кое некој го правел. За бебињата на таа возраст не е страшно ако имаат нередовна столица и по неколку дена. Немаме ништо против да се користат и народни и традиционални лекови, но да се испитани, да се знае што има во нив и да се одобрени од лекарот – вели докторката.
И д-р Душко Филиповски, претседател на Здружението на приватни гинеколози, советува пациентите да не се лекуваат со терапија што не ја одобрил лекарот. Таквото лекување не само што може да не помогне туку може и да биде опасно за пациентот. Тој апелира и да се читаат декларациите на производите и да се прави разлика меѓу „лекува“ и „помага“.
- Ние во последниот период постојано имаме прашања од пациентки за некои влошки, кои наводно биле многу лековити за цела низа болести и состојби. Одговорно тврдам дека такво нешто никој не презентирал пред нас, матичните гинеколози – вели д-р Филиповски.
Кога ќе се појави нов производ на пазарот, објаснува докторот, практиката е тој да се презентира пред лекарите и да им се објаснат сите детаљи за производот.
- Таква презентација никој не направил. Токму поради тоа ние не можеме да знаеме ништо за производот и не можеме да им одговориме на пациентите за него, т.е. за тоа дали може да им помогне. На тие презентации лекарите поставуваат многу прашања, а така би било и за овие производи. Зошто не ги презентираат производите? Мора да знаеме на што е базирана таа помош. Ги повикувам да ни ги презентираат производите, а од тоа може да имаат и бенефит. Но, мора да бидат подготвени да одговорат на многу стручни прашања – додава д-р Филиповски.
Не смее да се преувеличува дејството на терапијата
Сведоштвата на наводни задоволни пациенти од некој препарат некогаш ги споделуваат и членови на мултилевел-компании, во кои се заработува и врз основа на продаденото, и ги претставуваат како лекови, иако не се така регистрирани.
Законите велат дека не смее да се рекламира како лек нешто што не е така регистрирано и дека не смеат да му се даваат нереални својства.
Кога станува збор, пак, за лековите и медицинските средства, нивното огласување е регулирано со Законот за лековите и медицинските средства и Упатството за огласување лекови и медицински средства.
Од Агенцијата за лекови и медицински средства велат дека производителите и носителите на одобренијата за ставање во промет, за лековите што се издаваат без лекарски рецепт, можат да ја информираат широката јавност за карактеристиките на лекот во согласност со збирниот извештај за карактеристиките на лекот или со упатството за пациентот, при што се должни тоа да го прават на објективен начин и по претходно одобрение од Агенцијата. Забрането е огласување на лекови што се издаваат на лекарски рецепт.
Роберт Бекироски, директор на Агенцијата, вели дека е забрането јавно огласување на лек преку припишување карактеристики што тој ги нема, пренагласување на неговите позитивни ефекти, претерување во опишувањето на ефектите од лекот на несоодветен начин, споредување со други лекови или на друг начин со кој се доведува во заблуда корисникот на лекот. Се забранува и јавно огласување на лекови кои немаат одобрение за ставање во промет.
- Огласувањето на лек, односно медицинско средство наменето за широката јавност, без разлика на тоа за каков медиум станува збор, треба да се врши преку пораки кои содржат јасна информација дека производот што се огласува е лек, односно медицинско средство, и истите не треба да го доведуваат пациентот во заблуда – вели Бекироски.
Фармацевтскиот инспектор при вршењето на надзорот на лековите има право и должност да забрани огласување на лекови што не се во согласност со законот и да нареди отстранување, односно уништување на материјалот што се користел за огласување на лекот. Глоба во износ од 30.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на правното лице доколку не врши огласување на лековите согласно Законот за лековите и медицинските средства.