X
 10.03.2021 Наша тема

Во недостиг на вакцини: Како ќе се одредува кој е поитен меѓу приоритетните граѓани за вакцинација?

Голем број од граѓаните што уредно се пријавиле во системот и ги контактирале матичните лекари, а се дел од оваа приоритетна група, стравуваат дека ќе останат без вакцини

Во земјава се достапни нови 3.000 руски вакцини на „Спутник“ против Ковид-19, а како заинтересирани за вакцинација се пријавени повеќе од 100.000. Половина од нив се лица постари од 70 години, кои, според протоколите, треба да добијат информација од матичните лекари кога и во кој пункт да одат за да ја примат вакцината. Кој и како ќе одредува кој има приоритет во приоритетните групи? И дали има доволно капацитет за тоа праведно да се направи?

Министерството за здравство најави дека денеска стартува вакцинацијата, но сè уште нема правила за селекција како ќе оди вакцинирањето.
Одговорноста е префрлена на матичните лекари, а тие пак велат дека не можат да се караат и убедуваат со пациентите.
Интересот за имунизација против Ковид-19 е многу поголем од достапни вакцини во овој момент.

Кој е прв во приоритетните?


Голем број од граѓаните што уредно се пријавиле во системот и ги контактирале матичните лекари, а се дел од оваа приоритетна група, стравуваат дека ќе останат без вакцини. Се сомневаат дека во ваква ситуација најважно ќе биде кој има врски, тој ќе дојде до вакцина.

- Имам 76 години и со месеци не сум излегол од дома. Имам и хронични заболувања, на кардиоваскуларниот систем. Меѓу првите се регистрирав за вакцина. Секој ден се јавувам кај матичниот лекар, но тој не знае што да ми каже. Еве, денеска почнува вакцинацијата, но мене никој не ме известил кога и каде да појдам. Кој ќе има приоритет меѓу сите нас постари од 70 години и со хронични заболувања. Нема никаков критериум за тоа. И за ова ли треба пријателски и партиски врски да фаќаме - вели револтирано пациентот.

Матичните лекари во клинч со пациентите

Д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседател на Здружението на приватни матични лекари, вели дека досега не добиле протокол кој од приоритетните групи ќе има можност да се вакцинира во текот на следниот период.

- Не знаеме кој од високоризичните граѓани ќе има приоритет според претходната здравствена состојба. Не знаеме дали приоритет ќе имаат оние со малигно заболување, со автоимуно заболување, дијабетес итн. Сè уште немаме протоколи за приоритет на пациенти за вакцина - објаснува докторката.



Според неа, здравствените власти треба да направат софтвер, како и кол-центар, кој според системот „Мој термин“ ќе ги избира оние што се пријавиле за вакцина и кои според здравствената состојба би биле приоритет во случајов.

- Не можат матичните доктори да бидат во клинч со пациентите и да се караат со нив за тоа кој би бил поприоритетен во случајот на вакцинација. Имаме и пациенти со други болести на кои им требаме итно. Не можеме да се посветиме само и исклучиво на процесот на вакцинација -додава д-р Чолакова-Дервишова.

Повторно приоритет се здравствените работници

Од Министерството за здравство велат дека вакцинацијата ќе продолжи со здравствените работници поради зголемување на бројот на новозаболени од Ковид-19 и намалување на капацитетите за нивно згрижување, а здравствените работници се под висок ризик за добивање инфекција.

- Во поликлиниката „Букурешт“ ќе започне ревакцинацијата со вакцината „Фајзер“. Истовремено, во поликлиниката „Јане Сандански“ ќе се одвива имунизација со вакцината „Спутник“. Вакциналните пунктови и во двете поликлиники ќе работат во две смени, од 8 часот наутро до 20 часот навечер, од понеделник заклучно со сабота - објаснуваат од ресорното министерство.

Оттаму посочуваат дека закажувањето на термините се води согласно Националниот план за вакцинација сè додека се врши сукцесивна испорака на вакцините.

- Термините за вакцинација ги утврдува националниот систем „Мој термин“, во првата фаза за имунизација во приоритетните групи се и граѓаните над 70-годишна возраст. Во текот на овој и во следните месеци во нашата држава се очекува да стигнат вакцини кои ги набавивме во директни преговори со „Фајзер“ и преку КОВАКС-механизмот, нашата земја обезбеди над 2 милиона вакцини, па според планот за имунизација на дневно ниво се очекува да се вакцинираат од 2.000 до 2.500 граѓани - додаваат од Министерството.

Фото: Борче Поповски
Подготвил: Радмила Заревска / radmila.zarevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема