X
 15.12.2017 Економија

Скопјанец лани примал 225.000 евра месечна бруто-плата

Скопјанец вработен во приватното здравство лани примал месечна бруто-плата од 225.000 евра, односно неговата годишна бруто-плата изнесувала 2,7 милиони евра, што е највисоката плата исплатена во земјава. Најголемиот исплатен бонус, односно дополнителен приход од работното место лани изнесувал 416.000 евра. Ова го покажуваат податоците на Управата за јавни приходи (УЈП) собрани од годишните даночни пријави што ги поднесуваа граѓаните за 2016 година.



Податоците покажуваат дека највисоката годишна бруто-плата е исплатена во приватното здравство, по што следат фармацевтската индустрија, трговија на големо и информатичките технологии.

Според директорката на УЈП, Сања Лукаровска, најголем годишен приход за минатата година пријавил жител на Скопје во висина од 4,1 милион евра, додека најголемата капитална добивка изнесувала 1,3 милиони евра. Најбогат пензионер е струмичанец, кој во УЈП пријавил годишен бруто-приход од пензијата и дополнителни примања во висина од околу 680.000 евра. Највисоки бруто-приходи само од пензија, пак, пријавил жител на Скопје кој во текот на минатата година имал околу 30.000 евра. Најголема заработувачка од исплатена дивиденда имал скопјанец, кој по овој основ пријавил околу 1,8 милиони евра. Велешанец има пријавено најголема заработувачка од повремено вршење услуги, за што има приходи од 948.000 евра.

Најголем успех во игрите на среќа лани имал скопјанец, кој само по овој основ остварил бруто-добивка од 447.000 евра.

Податоците на УЈП покажуваат дека за 2016 година 439.000 граѓани поднеле годишна даночна пријава, при што заедно пријавиле вкупни бруто-приходи од околу 2,8 милијарди евра, а платиле персонален данок во висина од над 162,6 милиони евра.

Законската обврска за поднесување на годишна даночна пријава во УЈП граѓаните ќе мора да ја завршат уште за 2017 година бидејќи Собранието не успеа навреме да ги донесе измените во законската регулатива со која оваа обврска ќе ја преземе Управата. Ваквите измени ќе почнат да се применуваат од 2018 година, кога пресметките за даночните пријави ќе ги прави и евидентира УЈП, а граѓаните по електронски пат ќе проверуваат дали Управата точно ги пресметала и регистрирала податоците.
Подготвил: Д.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија