X
 23.03.2022 Економија

Кој зема најголема, а кој најмала плата во Македонија?

Државниот завод за статистика ги објави податоците за просечната плата за јануари, која изнесува речиси 30 илјади денари. Во соопштението се наведени и просечните плати според сектор и лесно може да се забележат највисоките и најниските просечни нето-плати.

Според податоците, убедливо најплатен е секторот информации и комуникации, во кој просечната нето-плата за јануари изнесувала 58.167 денари. Во рамките на овој сектор највисока просечна нето-плата земаат оние што се занимаваат со компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности и просекот на нивните нето-плати е 78.229 денари, додека на второ место се оние што се занимаваат со телекомуникации (46.127 денари), а по нив следуваат оние што се занимаваат со информативни услужни дејности (35.891 денар).

На второто место е секторот финансиски дејности и дејности на осигурување со просечна нето-плата од 44.923 денари. Во рамките на овој сектор најголеми нето-примања имаат оние што работат финансиско-услужни дејности, освен осигурување и пензиски фондови, чија просечна нето-плата за јануари била 46.968 денари.

Третото место според висината на нето-платата го зазема секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, каде што просечната нето-плата е 42.872 денари.

На четвртото место, пак, се најде секторот рударство и вадење камен со просечна нето-плата од 41.248 денари. Во рамките на овој сектор најголема нето-плата земаат оние што се занимаваат со вадење руди на метал (просечно 42.544 денари) и оние што вадат други руди и камен (просечно 41.451 денар).

Сите други сектори имаат просечна нето-плата помала од 40.000 денари.

Најниска нето-плата земаат вработените во секторот објекти за сместување и сервисни дејности со храна, каде што просекот е 21.718 денари.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија