Пред неделава министрите за финансии од еврозоната да расправаат за должнички олеснувања за Грција, владата во Атина испраќа позитивни сигнали кон Брисел. Но до малите претпријатија, овие импулси уште не се стигнати.
„Сѐ ќе биде добро и ќе успееме“. Веќе со недели грчкиот премиер Алексис Ципрас шири оптимизам за состојбата на грчката економија. Принципиелно неговиот однос спроти разговорите на министрите за финансии од еврозоната, закажани за утре, со сигурност не е погрешен. Но погледот во секојдневието на грчките бизнисмени открива сосема поинаква слика.
55-годишниот Тасос Јосифидис пред 10 години дошол од Берлин во неговиот роден град Тесалоники и основал франшизно претпријатие. Во омилената улица за вечерно излегување во Солун тој води еден мал ресторан. И покрај тоа што има многу работи, досега едваодржува позитивен биланс.
Грците и натаму ја чувствуваат кризата
„Економската ситуација тука е сѐ освен розова, иако тоа така ни се продава“, вели тој. Во авгус можеби ќе има олеснувања за Грција, но кризата продолжува. „Има само една позитивна вест во моментов, и тоа е туристичката бранша. Годинава доаѓаат 34 милиони туристи во Грција. Тоа ќе биде огромна финансиска ињекција за заздравување“, вели Јосифидис.
Без оваа ињекција, тој повторно би се вратил во Германија, бидејќи бизнисот само со грчки муштерии не му оди. Ним им се допаѓа неговата кулинарска понуда, но по краток поглед врз цените, се откажуваат. „Моите цени се превисоки за нив и дури ми го кажуваат тоа“.
Тасос Јосифидис смета за оваа мизерија се одговорни неговите сонародници, зашто Грција заостанува најмалку 30 години во развојот. „Од благородните вредности на грчката антика денес повеќе не се чувствува ништо. Денешниот Грк мора допрва повторно да научи да развие фер однос, соработка и доверба во деловниот живот“.
Високите даноци болат
Јосифидис смета дека ситуацијата ќе се подобри дури откако биде отстранета корупцијата во политиката. Пред гостите во неговиот ресторан тој го фали германскиот даночен систем, зашто во Грција доживува само драстични зголемувања на даноците. Не болат само данокот на додадена вредност од 24 проценти, туку и вкупното даночно оптоварување на неговото претпријатие од преку 40 проценти го спречува да оствари позитивен биланс.
Бизнисменот Јоргос Цијакмакис може само да го потврди тоа. Тој смета дека на неговата земја сега ѝ треба помирливост и трпение. Но севкупно тој е оптимист. Притоа тој може да ја задржи својот продавница само затоа што му припаѓа нему и живее во сопствен стан. „Да морав да плаќам кирија, одамна ќе загубев сѐ“, објаснува 67-годишниот Цијакмакис.
Трговијата е замрзната
„Малопродажбата не оди најдобро. Нам во моментов ни се чини дека грчката трговија сѐ наоѓа во замрзнувач“, вели Цијакмакис Со други зборови; нема пари во оптек. Луѓето купуваат помалку, се обидуваат да се ценкаат и мора да платат сѐ во готовина или со дебитна картичка. Одложено плаќање како во минатото, повеќе никој не може да си дозволи.
Сепак продавачот верува во преговарачките способности на младата влада повеќе отколку на која било претходно. И во тоа не е осамен. И покрај тешката економска ситуација ,околу 80 проценти од грчките домаќинства во моментов имаат доверба во премиерот Ципрас и го сметаат за најсериозен политичар во земјата.
Цијамакакис се надева дека нема прерано да дојде до предвремени избори. „Тоа ќе биде нашиот крај. На Грција ѝ треба уште многу работа. На пример централна банка која со кредити им помага на малите и средни претпријатија. Ние мора повторно да ги наполниме нашите празни регали. Зашто сѐ што во моментов заработуваме, повторно го враќаме како данок“.
Луѓето чувствуваат малку подобрување
Христос Кандас е бизнисмен од помладата генерација. Тој е специјалист за компјутери и електроника и веќе 10 години има фирма која поставува алармни системи и филтри за вода во приватни домаќинства.
„Во грчките статистики можеби има позитивни бројки, но основниот приход и животниот стандард на луѓето тонат. Со резултат: ние мора да научиме да излеземе на крај со помалку и да се откажеме од многу“. Тој смета дека Грците се умориле да слушаат дека сите тие живееле погрешно.
Во трговијата се зголемува јазот меѓу претпријатијата, додава Кандас, кој самиот нема долгови. „Силните стануваат уште посилни, слабите уште послаби, при што средната класа е целосно исчезната“. Освен тоа, тој смета дека помладите генерации би требало повеќе да вложуваат во аграрниот сектор а помалку во модерните технологии.
Значи иако економските податоци на Грција се повторно подобри, ќе потрае додека бизнисот и граѓаните вистински го почувствуваат тоа.
Автор: Милона Маријанти / DW