X
 22.12.2017 Култура

Најдолгиот мост на Путин го спои Крим со Русија


Мост
(Фото: Facebook)


Градителите на Кримскиот мост завршија важна етапа од градбата на преминот преку Керчкиот мореуз – ги споија со конструкција двата брега.

Објавени се снимки од завршниот дел од монтажата на конструкцијата на патниот дел од Кримскиот мост. Сега патот целосно ги поврзува двата брега, кримскиот и таманскиот.

Информацискиот центар „Кримски мост“ соопшти дека од Таман до Керч е поставена метална конструкција со тежина над сто илјади тони и со должина од 17 километри, а уште два километра ќе поминуваат по должината на насипот од страната на Керч.

Отворањето на мостот преку Керчкиот Залив се планира за декември 2018 година за патен сообраќај, а за железнички од 2019. Се проценува дека секојдневно преку мостот ќе поминуваат по околу 40.000 возила.

Кримскот мост, долг 19 километри, ќе биде најдолгиот мост во Русија, но и во цела Европа. Ќе биде подолг и од досега најдолгиот – мостот „Васко де Гама“ (17,2 километри) во Португалија.

Експертите велат дека заштитата на Кримскиот мост е неопходна „од земја, море, воздух и вода“.

Русија ќе формира морнаричка бригада заради заштита на мостот кој ќе го спојува Крим со Краснодарската област. Прашањето на заштита на најдолгиот мост во Русија стана особено актуелно по обидот на украинските националисти да извршат диверзија, а исто така и поради терористички и екстремистички закани.

Новата специјална единица ќе биде во составот на „Росгвардија“, која веќе обезбедува 74 важни државни објекти.

„'Росгвардија' има задача да ја обезбеди сигурноста на мостот преку Керчкиот Залив во новоформираниот Јужен воен округ. За таа цел се формира нова единица – морнаричка бригада на Националната гарда“, изјави директорот Виктор Золотов на говорот пред сенаторите на Советот на Федерацијата.

Порано и рускиот министер за сообраќај Максим Соколов истакна дека во проектната документација за мостот постои оддел посветен за антитерористичко обезбедување на тој објект. Потоа во руските медиуми се појавија информации дека „Росгвардија“ планира да формира одред на воени нуркачи, чија задача ќе биде и одбивање диверзантски напади и потрага по експлозивни направи.

Нуркачите од „Росгвардија“ ќе бидат вооружени со специјално стрелачко оружје – автоматски пушки со минофрлачи, брзи противдиверзиски катери и уреди за набљудување, кои се во состојба да извршуваат мониторинг на морските длабочини.

На катерите на „Росгвардија“ ќе бидат поставени специјални уреди за извидување што ќе овозможуваат откривање непријателски сили и подводни цели.

На заштитата на мостот ќе работат и автономни подводни уреди, хидроакустични системи, како и уреди за надзор кои деноноќно ќе ја следат ситуацијата околу мостот.

Се очекува државата да обезбеди и противвоздушна одбрана на мостот и тоа со ракетни системи „Бук“ и „Тор“, а исто така ќе бидат инсталирани и неколку радарски станици.

Властите во Киев тврдат дека Кримскиот мост создава закана за националната безбедност на Украина. Киев стравува дека мостот ќе го ограничи движењето на бродовите од Мариупол и Берѓанск, кои се наоѓаат на Азовското Море, а украинските експерти сметаат дека ваквите активности на Русија имаат „воено-политички карактер“, создаваат „ново поле на социјално-економски ризик за стагнација во делот од Украина околу Азовското Море“ и ги зголемуваат заканите во контекст на копнениот коридор во „окупираниот“ Крим.

„Намерата на Украина да ја истражи изградбата на мостот преку Керчкиот Залив заедно со Бугарија, Грузија, Романија и Турција, како и повиците за нови санкции, е продолжение на антируската хистерија“, изјави пратеникот во Државниот совет на Република Крим, Владислав Ганжара, во своето интервју за „Раша тудеј“.

Тој изрази сомнеж за тоа дали украинската иницијатива ќе добие поддршка од државите од црноморскиот регион. 
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура