X
 17.01.2017 Наука

Како научниците ги предвидуваат можните терористички напади?

Контраразузнавачките служби ги користат научниците, особено психолозите, за детектирање на потенцијалните терористи пред да извршат крвави напади.

Дали некогаш сте чуле за единицата за бихевиорални науки (BSU) во состав на MИ5? Станува збор за една од најважните единици, особено во текот на истрагите против тероризмот.

Како што пишува BBC, не се работи за шпиони со дополнителна научна обука, туку сосема спротивно. Сите тие се магистри на своето научно поле, а некои поседуваат и докторски звања.

Нивната работа се сведува на потрага по одреден тип на однесување на поединецот кое може да укажува на планирање на терористички напад. Поголемиот број од нив имаат едукација од областа на општествените науки, а најголемиот број се психолози и криминолози.

Британската разузнавачка служба не го објавува податокот колкумина се вработени во BSU, но се зборува дека тие имаат централна улога во бројни истраги. Последните неколку години BSU доби на значење, а одговорност за тоа носат „волците самотници“ како што ги нарекуваат терористите кои не се дел од некоја „службена“ мрежа на терористи што планира и извршува терористички напади.

Нападот во Ница

Пример за терористички „волк самотник“ е Мохамед Лахоуаиеј Боухлел, мароканскиот возач на камион кој уби 84 лица во Ница, Франција. Иако подоцна Исламската Држава изјавуваше дека тој бил „војник на калифатот“, сите докази упатуваат дека тој дејствувал индивидуално.

Аналитичарите веќе подолго време предупредуваат дека не е возможно да се открие шаблон во кој ќе можат да се сместат сите „волци самотници“. Сепак, терористичките напади од минатото лето упатуваат на определено преклопување меѓу терористите и луѓето со ментални заболувања. Дополнително, некои проценки говорат дека речиси една третина од терористите имаат некаква форма на психолошко заболување.

Важно е да се напомене дека според моментално достапните податоци, не може да се заклучи дека Исламската Држава специфично ги издвојува психолошки нестабилните лица како потенцијални регрути.

Психологија на тероризмот

Во последно време се појави и нов израз за една специфична појава при тероризмот – дијада, што означува двоец кој заедно работи на некој заговор.

Најголема препрека за истражителите е тоа што дијадите многу ретко дозволуваат некој друг да дознае за нивните планирани активности. Аналитичарите велат дека „волците самотници“ во просек своите планови ги откриваат пред пет други лица и дека дијадите многу подобро ги чуваат тие информации.

Сепак, терористите и екстремистите имаат долга историја на известувања на други лица. Напаѓачот од Ница разменил стотици пораки со еден познаник, а бомбашите од Брисел јавно  се фалеле за своите намери. Проблемот е во тоа што никој не ги сфатил сериозно сè додека не ги извршиле крвавите напади.

Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука