X
 29.06.2023 Наука

Научниците открија начин како да се предвиди земјотрес

Научниците открија врска помеѓу промените во вселената и земјотресите на Земјата, што би можело да биде првиот чекор кон создавање глобален систем за предупредување.

Уште кога луѓето првпат почувствувале земјотрес, постои желба да се предвидат таквите настани. Сепак, досега не е пронајден дефинитивен начин да се предвиди кога, каде и со каква јачина ќе се случи земјотрес. Меѓутоа, група научници неодамна открија дека постои јасна статистичка корелација помеѓу глобалната сеизмичка активност и промените во интензитетот на космичкото зрачење забележано на површината на нашата планета. Научниците се убедени дека ова може да помогне во предвидувањето на земјотресите.

Откритието било направено во рамките на проектот КРЕДО (CREDO), кој започнал во 2016 година, а имал цел да ја провери оваа врска. По долгогодишно истражување, научниците се убедени дека нивните анализи ја докажале оваа хипотеза, но истакнуваат и дека откриле карактеристики кои никој не ги очекувал.

Според нив, струите во течното јадро на нашата планета се одговорни за создавањето на магнетното поле на Земјата. Ова поле ги менува насоките на движење на наелектризираните честички на примарното космичко зрачење. Така, ако големите земјотреси се поврзани со нарушувања во материјата што го придвижува јадрото на Земјата, овие нарушувања би го промениле магнетното поле, што пак би влијаело врз трагите на примарните космички зраци. Како резултат на тоа, би можело да се предвиди земјотрес со копнени детектори кои препознаваат промени во секундарните честички од космичките зраци.

Физичарите ја тестирале оваа идеја и откриле јасна корелација помеѓу промената во интензитетот на секундарното космичко зрачење и земјотресите. Била откриена врска помеѓу поголемото космичко зрачење и зголемената појава на земјотреси.

Според научниците, со ваква анализа може да се предвиди потенцијален земјотрес дури и две седмици пред да се случи, но не може да се погоди локацијата во која ќе се случи земјотресот.

Извор: Zimo
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука