X
 17.01.2019 Образование

Универзитетските професори од Адеми побараа 20% зголемување на платите

Висината на платите да се пресметува согласно минималната плата во Република Македонија помножена со соодветен коефициент за секое звање, а коефициентот за звањето редовен професор да изнесува најмалку 5

Интервентно покачување на платите за 20 отсто е едно од барањата кои биле доставени до министерот за образование и наука Арбер Адеми на вчерашниот состанок со Независниот академски синдикат (НАкС). Претставниците на НАкС ги изложиле анализите и аргументите за потребата од конечно покачување на платите во овој сектор.

- Уште лани во септември ја поздравивме одлуката на Владата за отпочнување на процесот за покачување на платите во секторот образование, кој е клучен за развојот на општеството. Сепак, во изминатиов период, покачувањата се однесуваа само на основното и средното образование. На состанокот пред министерот претставивме анализи за буџетскиот раст од 34 отсо во пoследните 10 години во Република Македонија, наспроти порастот на просечната плата во РМ од над 13 отсто и занемарливиот раст на платите на вработените во високото образование и науката – велат од НАкС.

Пред министерот биле претставени анализи на платите во јавната администрација и неконзистентноста на платите во јавниот сектор и анализи за неоправданоста за малите плати во оние институции кои немаат сопствени средства. Било укажано и дека постојат огромни и неоправдани разлики во платите на професорите и истражувачите вработени на различни јавни високообразовни и научни установи, како и во единиците на една иста установа. Биле презентирани и компаративни податоци за примањата на професорите и наставно-научниот кадар во соседните државинаспрема просечните плати во тие земји.

Претставниците на НАкС изразиле подготвеност да понудат соработка истручна помош при изнаоѓањето модуси за решавање на прашањето за покачување на платите во високото образование и до Адеми доставиле:


  •     барање висината на платите да се пресметува согласно минималната плата во Република Македонија помножена со соодветен коефициент за секое звање, а коефициентот за звањето редовен професор да изнесува најмалку 5;
  •     барање за интервентно покачување на платите во висина од 20%, за што на министерот му беше понудена проекција на буџетското зафаќање;
  •     алтернативен, скалест модел на пресметка на буџетските издвојувања за платите на вработените во високото образование и науката. Доколку ваквиот модел се спроведе во вид на системска промена, НАкС цени дека на подолг рокби се анулирала неправедната нееднаквост на платите, без прекумерни буџетски импликации;
  •     несогласување со предвиденото покачување на платите во високото образование и науката од страна на Владата. НАкС смета дека предвидените 5%, и тоа од септември 2019, ни оддалеку нема да го ублажи растечкото незадоволство на вработените ниту, пак, ќе го реши проблемот со неатрактивноста за младите кадри, како и одливот на постоечките квалитетни кадри од овој исклучително значаен сектор за развој на општеството во целина.

Подготвил: В.И.И.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование