X
 17.02.2019 Технологија

Хакери можат да упаднат во вашиот електричен скутер додека го возите

Ако видите луѓе на електрични скутери како забрзуваат и кочат, тоа можеби не е само глупирање.

Тоа е затоа што новооткриен безбедносен пропуст во софтверот на еден скутер може да биде искористен од страна на хакери кои можат од далечина да забрзуваат или да сопираат нечиј скутер. Ова ја истакнува проблематичноста на напредниот транспорт.

Скутерот за кој станува збор е „M365“ на „Шаоми“. Истражувачи за безбедност од компанија наречена „Зимпериум“ успеале да ја најдат и искористат безбедносната маана за неколку часа.

- Бев во можност да ги контролирам функциите на скутерот без проверка и да инсталирам злонамерен фирмвер - изјави Рани Идан, директор за софтверско истражување во „Зимпериум“.

Според него, напаѓачот може одеднаш да закочи или да го забрза движењето на лицето во сообраќајот или да го предизвика најлошото сценарио што може да го замислите.

Проблемот се сведува на поврзувањето преку блутут меѓу скутер и апликација за паметни телефони. Безбедносните истражувачи откриле дека можат да се поврзат со скутер „M365“ без да им биде побарана лозинка. Оттаму тие можеле да внесат сопствен малвер - преправен како официјално ажурирање од „Шаоми“ - во кодот на скутерот, кој им дал целосна контрола врз хардверот на скутерот.

- Веројатно мислите дека тие уреди ги имплементираат најдобрите безбедносни заштити, но за жал тоа не е секогаш така - вели Идан.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија