X
 17.02.2019 Здравје

Паметни помагала за здравјето што произлегоа од трката на технолошките гиганти

Најголемите светски компании се натпреваруваат која прва ќе смисли технолошки напреден производ кој ќе ни помогне полесно да се соочиме со болестите.

Еве како современата технологија им помага на луѓето во борбата против некои болести.

1. Лекување на ракот

Во јуни минатата година беа претставени резултати од клиничко испитување на 357 пациенти што примале третман за рак. Се покажало дека пациентите што користеле паметен систем за следење на нивната состојба, познат како „CYCORE“, имале помалку сериозни симптоми поврзани со ракот и неговото лекување во споредба со контролната група пациенти што лекарите ги следеле на класичен начин. Се покажало и дека паметната технологија помогнала во поедноставувањето на грижата околу пациентите така што овозможила препознавање и решавање на нуспојавите.

2. „ADAMM“ надзорник на астмата

„ADAMM“ е паметен преносен монитор кој ги открива симптомите за напад на астма пред започнувањето. Тој вибрира за да го извести лицето што го носи за претстојниот напад, а истовремено може да испрати и текстуална порака. Уредот ја детектира и следи  употребата на инхалаторите и овозможува гласовно снимање за забележување на сите промени на однесувањето. „ADAMM“ користи алгоритамска технологија која со текот на времето учи што е „нормално“, овозможувајќи му на корисникот подобро да разбере кога нешто се променило. Истовремено, „ADAMM“  работи заедно со апликација и интернет-страница, помагајќи им на пациентите да внесуваат потсетници за лекови и да ги прегледуваат податоците од уредот и ги потсетува на планот за лекување.


Фото: Tportal

3. Апликација што ја следи депресијата

„Такида фармасеутикалс“ и платформата за мерење на когнитивното здравје „Когнишн Кит лимитед“ ја истражиле можноста за апликација за „Епл воч“ за следење и процена на болните луѓе со големи депресивни нарушувања. Студијата покажала многу голем степен на усогласеност со апликацијата, која учесниците секојдневно ја користеле за следење на расположението. Исто така, утврдено е дека дневните процени на апликацијата одговараат на деталните и објективни когнитивни тестови и исходи пријавени од страна на пациентите, што покажува дека когнитивните тестови доставени преку апликацијата може да бидат сигурни. Иако студијата била само истражувачка проба, таа покажала потенцијал за користење на технологијата која може да се носи за процена на ефектите на депресијата во реално време.

4. „РисрчКит“ на „Епл“ и Паркинсоновата болест

„Епл“ создаде апликација која на сопствениците на часовниците на оваа компанија им овозможува следење на симптомите на Паркинсоновата болест. Апликацијата на поврзаниот „ајфон“ може да прикаже податоци во графикон, како и флуктуација на симптомите од минута во минута. „РисрчКит“ исто така се користи и во различни здравствени студии, вклучувајќи ги тука студиите за артритис и онаа за епилепсија, која користела сензори во часовникот за откривање на почетокот и траењето на нападите.

5. Паметно континуирано следење на гликозата

Континуираниот монитор на гликозата (ЦГМ) е уред кој им помага на луѓето со дијабетес континуирано да го следат нивото на гликоза во крвта неколку дена, земајќи отчитувања во редовни интервали. Паметниот ЦГМ испраќа податоци за нивото на гликоза во крвта до апликација на „ајфон“, „андроид“ или „Епл воч“, овозможувајќи им на корисниците лесно да ги проверат нивните информации. Апликацијата „FreeStyle LibreLink“ исто така овозможува следење од далечина, што е особено важно ако болните cе деца или постари луѓе.


Фото: Tportal

Уште еден паметен уред, кој во моментов го подобрува животот на пациентите со дијабетес, е паметниот инсулински молив. Паметните инсулински моливи автоматски ги бележат времето, количината и видот на инсулин кој се вшприцува во доза и ја препорачуваат точната инјекција со инсулин во вистинско време.

Уредите се во интеракција со апликација за паметни телефони која може да собира долгорочни податоци, да им помогне на дијабетичарите во пресметувањето дози на инсулин, па дури и да им овозможи на пациентите да ги бележат оброците и нивото на шеќер во крвта за да видат како исхраната и внесувањето инсулин влијаат врз шеќерот во крвта.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје