Броевите за донации на телефонските оператори во последно време се најефективен начин за собирање пари за лекување, за разни хуманитарни акции и слично. Овозможуваат поголем број луѓе да се вклучат во донацијата и да помогнат онаму каде што е потребно
Во последно време најголем дел од донациите одат преку повик. Многу од семејствата што не се во можност да се лекуваат сами или, пак, им треба финансиска помош од друга природа, се обраќаат на телекомуникациските оператори. На тој начин повеќе луѓе можат да се вклучат и да ѝ помогнат на одредена личност, апелот стигнува до поширок круг на луѓе, лесно е да се направи донацијата и поголем број луѓе можат да одвојат 100 денари, а за оние што можат повеќе, тука се жиро-сметките. Оттука ги искомунициравме нашите водечки телекомуникациски оператори за да ни споделат бројки, статистики, нивни впечатоци од вклученоста на граѓаните во донациите.
Најчести се донациите за лекување
Фондацијата „Телеком за Македонија“ е основана да помогне во општеството. Броевите за донации се отвораат со цел да се помогне за лeкување или оперативни третмани на лица кои немаат доволно материјални средства. Потребни документи за отворање број за донации се:
-Барање - правно лице
-Барање - физичко лице
-Лична карта од подносителот, ако е малолетно лице, од родителот кој поднесува барање во негово име
-Извод од матична книга на родени
-Трансакциска сметка на која ќе се префрли собраната сума
-Профактура со потребната сума за лекувањето или операцијата
-Лекарска документација (наод, мислење, дијагноза)
И целосната документација се доставува во архивата на Телеком.
Леа Липша од Фондацијата „Телеком за Македонија“ ни сподели дека динамиката на отворање броеви за донации, како и вкупната сума на донации од граѓаните, зависи од повеќе фактори.
- Во табелата подолу може да видите колку броеви за правни и физички лица се отворени од 2020 до 2023 (првите шест месеци). Најмногу донации има за големи хуманитарни акции, како што беше акцијата за помош на настраданото население од земјотресот во Турција, преку Црвениот крст. Броевите се отвораат за физички лица, најчесто за финансиска помош за лекување, или за правни лица за хуманитарни акции - ни споделија од Телеком.
Предност имаат најмалите
За сите оние на кои им е потребна помош, кои имаат потреба од поддршка од хуманите луѓе, А1 Македонија исто така овозможува отвoрање специјални хуманитарни броеви, преку кои корисниците на услугите на А1 Македонија ќе можат да ја изразат својата хуманост преку донирање средства на едноставен начин преку својот мобилен телефон. На овој начин се поттикнува хуманоста кај сите за да им помогне, пред сè, на оние на кои им се потребни средства за операција или лекување.
- Една од основните заложби на А1 Македонија е да дејствува општествено одговорно и да помогне таму каде што е најпотребно. Оттука една од активностите што A1 Македонија ги спроведува е ставањето на располагање донациски линии преку кои нашите корисници можат да ја изразат својата хуманост и да донираат со едноставен повик преку своите мобилни телефони - истакнуваат од А1 Македонија.
Линија за донација во А1 Македонија е достапна за физички и за правни лица. Приоритет при отворање линија за донација имаат физичките лица.
- Броевите за донација се отворени со цел да им помогнеме на лицата на кои им е потребен оперативен зафат или лекување во земјава или во странство и секогаш предност во отворање донациска линија имаат најмалите како најранлива категорија. Броевите за донација се објавуваат и редовно се ажурираат на нашата веб-страница, www.a1.mk. каде што сите кои имаат потреба можат да ги добијат потребните информации за сите активни броеви и процедурата за отворање на линиите. Имајќи ги предвид податоците што ни се доставени и поради заштита на личните информации, можеме само да информираме дека најголемиот број отворени броеви се однесуваат за барање за интервенции или лекување во западноевропските земји, Турција и соседните Бугарија и Грција. Висината на собраните средства на отворените броеви зависи од динамиката на комуникација на броевите, за што активноста ја имаат самите баратели, па оттука и различни се сумите кои се собрани. Од почетокот на оваа година досега се отворени броеви за донација за над 60 физички лица и правни субјекти - посочуваат од А1 Македонија.
Потребната документација што барателот на линија за донации треба да ја достави до А1 Македонија е следната:
-Пополнето писмено барање (PDF) – достапно на веб-страницата на А1 Македонија
-VSD документ за физички лица
-потврда за медицинска дијагноза, издадена од овластена установа
- упат за понатамошно лекување/операција во земјата/во странство
-писмо од медицинската установа за закажана операција/лекување
-профактура за лекување/операција
-копија од жиро/трансакциска сметка (мора да гласи на полнолетно лице).