X
 17.02.2020 Култура

Не знаеме колку пари Министерството за култура им додели на националните установи

Од Министерството велат дека немаат законска обврска да ги објават, туку националните институции сами треба да ги стават на нивните веб-страници 

Невообичаена одлука годинава донесе Министерството за култура - да не ги објави јавно резултатите за одобрени проекти за националните установи за 2020. Изминатите години Министерството во Годишната програма целосно ги објавуваше резултатите, па се добиваше целосна слика за тоа како се трошат парите.
На 14 февруари Министерството за култура ги објави резултатите по дејности само за локалните институции и за поединците, но не и за националните институции. Вака јавноста не знае што ќе работат националните институции од културата.

Ресорното министерство објаснува дека нема законска обврска да ги објави, односно дека самите национални институции ќе треба да го сторат тоа.

- Согласно член 65 став 4 од Законот за култура, Министерството за култура и годинава на транспарентен начин ги објави резултатите од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2020 година по дејности и области. Согласно Законот, Министерството за култура нема обврска да ги објави проектите и висината на средствата за националните установи. Согласно член 70б од истиот Закон, националните установи имаат обврска јавно и транспарентно да ги објават податоците за одобрените проекти што ќе ги реализираат во тековната година на својата веб-страница или во други средства за јавно информирање - велат од Министерството и додаваат:



Уште еднаш потенцираме дека годинава во одлучувањето во делот на програмата за националните установи со комисиите во Министерството за култура работеа и директорите на установите, кои согласно буџетите, заеднички со комисиите одлучуваа кои проекти се приоритетни за нив и кои ќе бидат поддржани.

Театарџиите и други културни работници негодуваат дека не е во ред целата програма да ја нема во резултатите.

- Не е проблем, ние ќе ги објавиме резултатите на нашата веб-страница, меѓутоа, убаво е да ги има сите резултати на едно место. Тоа е добро и за јавноста, но и за нас, колегите, да имаме увид и другите колеги што работат. Досега не ни било посочувано дека ни е обврска да ги објавиме на нашите веб-страници, не е проблем да го направиме тоа - вели Иван Јерчиќ, директор на Битолскиот театар.
Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура