X
 17.03.2023 Живот

Вечерва се отвора архитектонската изложба „Скопје: нови индустрии на стари локации“

Вечерва, со почеток во 20 часот, во Галерија 2 во Младинскиот културен центар - Скопје ќе се отвори архитектонската изложба насловена „Скопје: нови индустрии на стари локации“.

Архитектонската изложба „Скопје: нови индустрии на стари локации“ е резултат на едногодишен научноистражувачки проект насочен кон мапирање, проучување, вреднување и промоција на напуштениот индустриски простор, како можност за иден економски, просторен и програмски развој на градот Скопје. Проектот го истражува и претставува процесот на реиндустријализација во градот Скопје, кој иако има позитивна улога во регенерацијата и рационалното искористување на урбаниот простор, се случува во сенка на процесите на деиндустријализација и пренамена на индустриските локации за други неиндустриски намени кои имаат многу повидливо влијание на просторот. Целта на проектот е да го афирмира пристапот на обнова и повторно користење на овие локации за нови производни незагадувачки индустрии, во прилог на јавното добро и во корист на жителите на градот Скопје.

Учесници во научноистражувачкиот проект се: вонр. проф. д-р Горан Мицковски, раководител на проектот, вонр. проф. д-р Ана Ивановска Дескова, вонр. проф. д-р Јован Ивановски, асс. м-р Димитар Крстески, асс. м-р Теа Дамјановска, асс. м-р Mихајло Стојановски и Мила Гавриловска. Научноистражувачкиот проект е финансиран од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во реализација на Архитектонскиот факултет.

Изложбата ќе трае до 30 март.



Научноистражувачкиот проект „Нови индустрии на стари локации“ претставува придонес кон стручната и јавна дискусија за планирање и користење на градскиот простор и е насочен кон мапирање, проучување, вреднување и промоција на напуштениот индустриски простор, како можност за иден економски, просторен и програмски развој на градот Скопје. Проектот ги истражува индустриските локации и објекти оформени и изградени во периодот на социјалистичкото политичко и општествено уредување од 1945 до 1991 година, кои во постсоцијалистичкиот период стануваат напуштени под влијание на процесот на деиндустријализација.

Целта на проектот е да го афирмира пристапот на обнова и повторно користење на овие локации за нови производни незагадувачки индустрии, во прилог на јавното добро и во корист на жителите на градот. Проектот го истражува и претставува процесот на реиндустријализација во Скопје, кој иако има позитивна улога во регенерацијата и рационалното искористување на урбаниот простор, се случува во сенка на процесите на деиндустријализација и пренамена на индустриските локации за други неиндустриски намени кои имаат многу повидливо влијание на просторот. Реиндустријализацијата во Скопје настанува како резултат на обнова и продолжување на континуитетот на производство на постојните локации и објекти од страна на едно претпријатие, или како резултат на воспоставување ново производство од страна на нови - микро, мали или средни претпријатија кои изнајмуваат објекти или делови од објекти на поранешни индустрии.

Вo рамките на истражувањето, преку набљудување и анкетирање собрани се појдовни информации за 163 поединечни индустриски локации оформени во социјалистичкиот период и направено е расчленување и класифицирање на истражените локации според основните процеси: (1.) деиндустријализација, (2.) пренамена и (3.) обнова, кои влијаат врз трансформацијата на локациите во постсоцијалистичкиот период. Резултатите од истражувањето се претставени преку три тематски мапи на градот Скопје, како и преку три подетално проучени и претставени студии на случај: поранешни објекти на Тутунскиот комбинат Скопје, објектот на поранешното транспортно претпријатие Пролетер и поранешната фабрика за кожа и кожни производи Годел.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот