X
 04.03.2016 Култура

Воени авиони и тенкови ќе го опколат Дом на АРМ

Во Домот на АРМ во Скопје и околу него секако дека нема место да слета некој хеликоптер, а уште помалку има место за авион. За волја на вистината се наоѓа место за „паркирање“ на тенк или два, но не и за десетици оклопни возила како што се планира деновиве. Во наредните три денови овој објект ќе биде под инвазија на воздухоплови, пешадија , оклопни возила...Дел ќе бидат од Македонија, а дел од Србија и од Бугарија како дел од „меѓународната офанзива“.



Не е во прашање некаква вежба туку станува збор за инвазија како дел од меѓународната изложба на пластични макети што ја организира Макетарскиот клуб „Мајор Михајло Ивановски – Микс“ од Скопје. Љубителите на ваквите макети ќе може од денеска па се до 6-ти март да ги разгледаат макетите изработени од вештите раце на домашни, но и од странски макетари од соседството. Макетарството претставува спој на техничко знаење, историја и своевиден вид уметничка дисциплина. Макетарите изработуваат летала, борбени возила, фигури од историско значење и други предмети и објекти. Сите макети се фасцинантни на свој начин бидејќи за нивната изработка се одвојуваат часови и денови работа. Макетите се егзактна реплика на одреден субјект во размер поткрепен со фотографии и друг референтен материјал ни објаснува Драган Цветиќ, еден од ентузијастите кои го организираат овој настан. Нему посебно му е драго што на почетокот на годинава Макетарскиот клуб „Скопје“ го променил своето име во Макетарски клуб „Мајор Михајло Ивановски – Микс“ со цел да му се оддаде почит на најстариот и најдолго активен макетар во државата кој, за жал, починал неодамна.



-Мајор Михајло Ивановски - Микс беше воен пилот во активна служба во АРМ кој почина ненадејно на 49-годишна возраст. Станува збор за доајен на пластичното макетарство и еден од најголемите воздухопловни ентузијасти во Македонија и пошироко-објаснува Цветиќ кој е еден од ентузијастите во земјава што се занимаваат со ова хоби кое во балкански размери и на светско ниво е многу развиено.



Додава дека годишната изложба ќе биде од меѓународен карактер, а макетите се изработени од клупските членови и од гостите што ќе учествуваат.

-Ќе имаме странски гости од белградскиот клуб „Олуј“, од клубот „ Наредник Михајло Петровиќ“ од Ниш и од софискиот клуб Scale modeling club Bulgaria-вели макетарот од Скопје.

На изложбата ќе бидат прикажани макети и диорами од Првата светска војна па до ден-денес и макети од научнофантастична тематика. Пластичното макетарство е хоби чија цел е изработка на егзактни реплики на постојни борбени орудија, пред с` авијација и оклопна копнена техника, бродови, како и фигури во размер. Исто така се прават макети на вселенски бродови, разни вонземски фигури и слично.



Во нашата земја претежно се изработуваат макети на воени авиони и оклопни борбени возила и тенкови. Постојат различни стилови на изработка исто колку што постојат и макетари во светот. Секоја макета е уникат. -Kога станува збор за специфики околу изработувањето на макети, а особено кога во прашање се теми кои се обработуваат од воена историја и техника битно е да се каже дека во секоја земја преовладуваат генерално реплики на машини кои биле во оперативна употреба во дадената земја. Од тука е и варијацијата во тематиката од земја до земја. На пример во Грција преовладуваат макети на авиони од западно производство што е нормално пошто нивното воено возудхопловство од почетоците до денес користи западна техника. Во земјите од источен блок е обратно итн-објаснува Цветиќ за Факултети.МК.



Додава дека генерално се изработуваат макети во размер 1:72 како најпопуларен размер во авијацијата, но има и макети во размер 1:48 и 1:32. Во последниве години се почесто се застапени и микро размери од 1:144.

-Во зависност од тоа каква финансиска и куповна моќ имаат макетарите во дадената држава така варира и квалитетот. Они можат да си дозволат поскапи и поквалитетни макети како и додатни делови и сетови за конверзија и супер детаљирање. Каде што може да се отворени на пример и најмалите сервисни капаци и слично. Во нашиов регион на поранешна Југославија дел од тие детаљи маектарите ги изработуваат сами од пластика и жица-завршува Цветиќ.
Подготвил: Ф.М.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура