X
 17.04.2018 Живот

Исклучувањето на известувањата на телефонот не е најдобрата метода за борба против стресот

Кога ќе почувствувате вибрација од телефонот или ќе видите дека тој светка, вашето внимание веќе е одвлечено. Може да го земете телефонот и да видите дали е нешто на кое веднаш треба да одговорите или можете да пробате да се фокусирате на работата, истовремено прашувајќи се што пропуштате.

Со оглед на тоа дека може да ви требаат дури 25 минути за да се вратите во колосек по некој прекин, ова очигледно е рецепт за деконцентриран ден во кој речиси ништо нема да се заврши. За среќа, според истражување направено во Центарот за напредна ретроспектива при Универзитетот „Дјук“, ние учиме подобри начини за справување со известувањата од паметните телефони.

Истражувачите утврдиле дека групирањето на известувањата во групи кои учесниците ги добиваат трипати дневно ги прави посреќни, тие се под помал стрес, се чувствуваат попродуктивни и како да имаат поголема контрола. Тоа функционира подобро од добивањето известувања на вообичаен начин, еднаш на секој час или, пак, нивно целосно блокирање.

- Исклучувањето на известувањата не функционира секогаш. Но, можеме да ги добиваме известувањата на попаметен начин - истакнува истражувачот Ник Фиц.

За изработување на студијата, истражувачите ги анализирале известувањата што луѓето ги добивале на телефон и утврдиле дека едно просечно лице дневно добива по меѓу 65 и 80 известувања. Луѓето можеби и почесто ги проверуваат телефоните, но тоа е бројот на известувања што се појавуваат.

За време на истражувањето, две недели група учесници ги проверувале своите телефони нормално, една група добивала известувања на секој час, една група добивала известувања трипати во денот, а последната група воопшто не добивала известувања. Оние што не добивале известувања можеле нормално да ги проверуваат телефоните, но на нивните екрани не се појавувале известувања. Телефонот ѕвонел, но не се појавувало известување за пропуштен повик на екранот кога телефонот бил заклучен.  

Генерално, луѓето истакнале дека известувањата правеле да се чувствуваат дека се под стрес, несреќни, дека им се попречува работата и не се продуктивни. Изненадувачки, целосното исклучување на известувањата не функционирало бидејќи луѓето биле нетрпеливи да откријат што пропуштаат.


Сепак, три тури известувања изгледале како вистинското нешто бидејќи луѓето се чувствувале попродуктивни, позитивни и како да имаат контрола.

Според Фиц, идеалниот систем би го препознал најдоброто време за некое лице да добие повеќе информации, а може да дозволи и одредени многу важни известувања.

- Попречувањата, генерално, не се добри, но подобро е ако се вклучуваат во згоден момент - вели тој.

Идеалниот систем би бил свесен за вашата локација и првиот дел известувања би ви ги испраќал додека пристигате на работа, втор дел на крајот од паузата за ручек и третиот додека си одите дома. Можеби е-пораките би биле пропуштени, но помалку важните известувања од „Фејсбук“ би биле испорачани еднаш во денот, и тоа попладне. Фактот дека тоа функционирало бил изненадувачки за Фиц бидејќи известувањата се само една компонента која може да додаде стрес на комплицираните животи. Сепак, излегува дека додавањето некаков елемент на контрола може да ги подобри животите на луѓето.

Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот