X
 17.04.2018 Живот

Психијатар од „Харвард“: Како да не ја дочекате староста бркајќи ја среќата на погрешно место

Роберт Валдингер е психијатар и професор на „Харвард“. Како шеф на истражувањето за развојот на возрасните, кое трае веќе 75 години, успеал да дојде до неверојатни податоци за вистинската среќа и задоволството.

Во својот ТЕД-говор Валдингер објаснува за важните работи што ги дознал од истражувањето. Навистина вреди да се слушне.

„Што нè одржува здрави и среќни, како што се движиме низ животот? Доколку би вложувале во деновите во најдобрата верзија од себеси во иднина, каде би го вложиле своето време и енергија? Неодамна на милениумската генерација ѝ беше направена анкета. Ги прашаа кои им се најважните животни цели и над 80 отсто изјавија дека нивната цел е да се збогатат, додека 50 отсто од истата генерација изјавија дека втората важна животна цел им е да бидат познати.

И постојано ни зборуваат дека мораме да работиме, да се трудиме повеќе и повеќе да постигнеме. Добивме впечаток дека тоа треба да го следиме за да имаме подобар живот.
Сликата од целокупниот живот, изборот што луѓето го прават и како тие избори им се одвиваат е невозможно да се направи. Повеќето од она што го знаеме за човечкиот живот го знаеме од одговорите на прашањето за сеќавањата од минатото. Колку што ни е познато, враќањето во минатото не е веродостојно.

Го забораваме поголемиот дел од она што ни се случило во животот и понекогаш сеќавањето е навистина креативно. Но што ако можеме да го набљудуваме животот како што се развива низ времето?

Што кога би можеле да ги изучуваме луѓето од тинејџерски години до староста за да дознаеме што луѓето ги прави среќни и здрави? Го направивме тоа.

Истражувањето на „Харвард“ е можеби најдолгото истражување за возрасните луѓе некогаш направено. Во текот на изминатите 75 години, од година на година, ги набљудувавме животите на 724 мажи. Ги прашувавме за работата, за нивниот семеен живот и за здравјето.

Ваквите истражувања се особено ретки


Речиси сите слични проекти се распаѓаат во рок од една деценија бидејќи голем број од луѓето го напуштаат истражувањето или финансирањето на истражувањето престанува, или на истражувачите нешто друго им го привлекува вниманието, или умираат, па никој не ја продолжува веќе започнатата работа.

Но со комбинацијата на среќа и упорност на неколку генерации истражувачи, ова истражување преживеа.

Околу 60 од нашите првобитни 724 мажи сè уште се живи, и понатаму учествуваат во истражувањето, а повеќето се во нивната 90-та година. Сега почнуваме да проучуваме 2.000 деца на овие мажи. А јас сум четврти директор на истражувањето.

Што научивме? Кои лекции произлегоа од десетина илјади страници информации што ги собравме за овие животи? Лекциите не се за богатство или слава. Најочигледната порака што ни пристигна од 75-годишното истражување е следната: добрите односи нè одржуваат посреќни и поздрави, и точка.

Научивме три важни лекции за односите


Првата е дека социјалните врски навистина се добри за нас, а осаменоста убива. Се покажа дека луѓето што се социјално поврзани со семејството, пријателите, општеството се посреќни, физички поздрави и живеат подолго од луѓето што се помалку поврзани.

Се покажа дека искуството на осаменоста е отровно. Луѓето што се изолирани од другите повеќе отколку што би сакале да бидат се помалку среќни, нивното здравје се влошува во текот на средовечноста, нивната мозочна функција порано започнува да опаѓа и живеат пократко од луѓето што не се осамени.

Нè штитат врските

Се покажа дека животот во средина на конфликти е навистина лош за вашето здравје. Особено конфликтните бракови, без љубов, се особено лоши за нашето здравје, можеби и полоши од разводот.

Животот во добра, топла врска нè штити.

Како што ги следевме мажите сè до нивните 80-ти години, сакавме да им обрнеме внимание во текот на средните години и да видиме дали можеме да предвидиме кој ќе остари во среќен, здрав 80-годишен човек, а кој нема. Кога го собравме сето она што го знаевме за нив кога имале 50 години, нивните вредности на холестерол не се тие што предвидуваа дека ќе остарат. Она што предвидуваше беше нивното задоволство во своите врски.

Луѓето што беа најзадоволни во нивните 50-ти години беа најздрави на 80 години. Добрите, блиски врски ги олеснуваат ударите во староста.

Третата и најважна лекција што ја научивме за нашите односи и здравјето е дека добрите врски не го штитат само нашето тело, туку и нашиот мозок. Кога сте во безбедна врска со друга личност, тоа е како штит.

Зошто ова е тешко да се разбере и лесно да се игнорира? Затоа што сме луѓе и сакаме брзи решенија. Врските се хаотични и сложени, а вредни за одржување на семејството и пријателите.

Повторно и повторно, во текот на 75-годишното истражување се покажа дека оние луѓе што стигнале најдалеку се потпирале на врските со семејството, пријателите и општеството.

Би сакал да завршам со цитатот на Марк Твен. Пред повеќе од еден век се осврнал на својот живот и го напишал следното: „Нема време, толку е краток животот за препирки, извинувања, презир, повикувања на одговорност. Имаме само време за љубов, и тоа само на момент“.

Добриот живот се гради со добри врски“.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот