X
 17.04.2019 Живот

Со „Младинска картичка“ до попусти во ресторани, театри, киносали, транспорт, железница...

Очекуваме во јуни да почне имплементацијата на проектот „Младинска картичка“. До крајот на овој месец ќе објавиме повик за да аплицираат младите. Го имаме направено дизајнот на картичката и очекувам најмалку триесетина илјади млади да аплицираат за да можат да ја добијат и да имаат соодветен попуст.

Картичката е наменета за сите млади на возраст од 15 до 29 години зашто заслужуваат да имаат подобро секојдневие, поволности и бенефиции. Ова е една од мерките што е во насока да ги задржи младите, да им понуди квалитетен живот со цел да почнат да размислуваат и да останат во државата, изјави за МИА директорот на Агенција за млади и спорт (АМС), Дарко Каевски.

Проектот „Младинска картичка“, како што рече, го најавивме кон крајот на 2018 година и е резултат на повеќе средби што ги имавме со младинските организации, каде што ни беше посочено дека тоа недостига во нашата држава, а во сите западноевропски држави постојат бенефиции и можности за младите.

- Сакаме да покажеме дека државата се грижи за младите, гради стратегија, има проекти и мерки за да им се олесни нивното секојдневие - посочи Каевски.

Дарко Каевски
Фото: МИА

Додаде дека од ноември се преземени доста активности, а во моментов има од 300 до 500 субјекти: кафулиња, ресторани, театри, киносали, транспорт, железница и други што ќе дадат одредени попусти во нивните услуги. АМС има склучено Меморандум со сите овие субјекти и ќе им биде дадена една налепница што ќе ја залепат на своите објекти.

Каевски информира дека таа ќе биде и европска картичка, односно младите ќе можат да уживаат во поволностите и во другите европски држави. Очекува од година на година да се надградува. Се разговара со Министерството за образование и наука по неколку години да може да биде и платежна картичка, да може студентите да добиваат стипендии на неа, да има преку неа и субвенционирани оброци и други мерки што ќе се преземаат.

Тој нагласи дека картичката е бесплатна. Повикот ќе биде за да се пратат податоци за младите луѓе и фотографија. Донесена е одлука на Влада во проектот дополнително да се вклучат сите институции, како министерствата за образование и наука, за транспорт и врски, за култура…

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот