X
 17.04.2022 Наука

Зошто луѓето многу повеќе размислуваат за проблемите среде ноќ

Будењето среде ноќ и нападите на паника за одреден настан се честа појава кај луѓето. Но, штом се разбудиме наутро, оваа паника исчезнува и настанот ни изгледа сосема неважен. Зошто е така?

Сите ние сме имале такви ноќи. Се будиме во 3 часот наутро и размислуваме за одреден настан што треба да се случи, па во нашиот мозок се акумулираат негативни мисли. Сите грижи одеднаш добиваат поголема важност во средината на ноќта, па се вознемирувате и не можете да заспиете.

Но во текот на денот овие грижи не изгледаат толку сериозни и излегува дека сте изгубиле сон за ништо.

Грег Мареј, психолошки истражувач со експертиза за расположение, спиење и циркадниот систем (внатрешниот часовник што го регулира спиењето), објаснува зошто се случува ова.

- Во нормален сон навечер нашата невробиологија достигнува пресвртница околу 3 или 4 часот наутро. Основната телесна температура почнува да расте, желбата за спиење се намалува (затоа што сме спиеле одреден број часови), секрецијата на мелатонин (хормонот за спиење) го достигнува врвот, а нивото на кортизол (хормонот за стрес) се зголемува додека телото се подготвува за текот на денот. Неверојатно, оваа активност се случува независно од знаците од околината, како што е светлината на зората - вели тој.

spienje
Фото: Freepik

- Ние, всушност, се будиме многу пати секоја вечер, а лесниот сон е почест во втората половина од ноќта. Кога спиењето ни оди добро, едноставно не сме свесни за овие будења. Но, додајте малку стрес и постои голема шанса будењето да стане целосно самосвесна состојба. Постојат докази дека пандемијата е стрес што го нарушува спиењето. Значи, ако се будите во 3 часот наутро, дефинитивно не сте сами. Стресот влијае врз спиењето - додава тој.

Тој додава дека загриженоста да се биде буден кога некој „треба“ да спие може да предизвика вознемиреност секогаш кога поминувате низ лесната фаза на сонот.

Како што вели тој, нашиот ум не бара решение во 3 часот наутро. Ние мислиме дека решаваме проблеми, но всушност не е така.

Неговиот совет е да медитирате, да го насочите вниманието на вашите сетила. Кога ќе забележите дека ви надоаѓаат мисли, свртете го вниманието на звукот и на дишењето. Ако ова не функционира по 15-20 минути, станете, запалете светло и земете нешто да прочитате.

Извор: Mirror.co.uk
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука