X
 25.10.2023 Живот

Како правилно да го започнете денот - совети од психолози

Започнувањето на денот на вистински начин може да биде клучот за добро расположение и задржување на енергијата во текот на денот. Истражувањата покажуваат дека расположението на работниците на почетокот од работниот ден навистина влијае врз остатокот од нивниот ден. Една студија покажа дека позитивното расположение пред работа е поврзано со подобар квалитет на работата и поголема продуктивност во текот на денот.

- Обрнувањето внимание на расположението наутро може да има трајни ефекти врз остатокот од денот. Ако си дадете време и простор, ќе бидете подготвени за претстојниот ден на најдобар можен начин - вели Ребека Тенисон, клинички психолог од Оксфордшир, Англија.

Тенисон и другите експерти за ментално здравје открија што прават наутро за да ги започнат своите слободни денови.

Најдете време да размислите за работи на кои им се радувате

- Го поставувам алармот малку порано отколку што треба за да можам да лежам минута или две. Длабоко дишам и размислувам за три работи на кои се им радувам тој ден. Тоа буквално може да биде сè, од кафе и појадок во мир до епизода од нешто што планирам да го гледам на „Нетфликс“ таа вечер - вели Кејт Мејсон, клинички психолог од Ворчестер, Англија.

Исклучете ги известувањата на вашиот телефон

Мејсон додава дека наутро ги исклучува известувањата на мобилниот телефон. Ова е мерка на претпазливост што ја презема за да не ги проверува своите пораки или социјалните мрежи.


Фото: Pixabay

- Имам режим на спиење на мојот телефон каде што од 22:00 до 8 часот наутро не добивам никакви известувања - вели таа.

Започнете го денот в кревет

- Стекнав навики кои ги правам пред да станам од кревет наутро - открива Пола Гил Лопез, вонреден професор по психологија и образовен консултант од Конектикат.

Таа открива дека наутро в кревет чита по едно поглавје од омилената книга, прави вежби и го проверува календарот.

Вежбајте надвор

Кардиоваскуларните вежби се многу корисни за менталното здравје, па не е изненадување што се наоѓаат на оваа листа со начини како да го започнете денот правилно. Џошуа Колман, психолог од Сан Франциско, секој ден го започнува со трчање надвор.

- Ја облекувам облеката за трчање и одам на трчање, на дожд или на сонце. Ми ја разбиструва главата и ми помага да се фокусирам на денот што претстои - вели тој.


Фото: Pixabay

Ако сакате вежбањето и трчањето да станат рутина, но се сомневате дека ќе имаме мотивација, Колман советува само да почнете – тоа е најтешкиот дел.

- Си велам дека ќе трчам само 10 минути, а ако сум премногу уморен, ќе се свртам и ќе си одам дома. Ретко застанувам по 10 минути, па ова обично ми помага да излезам - вели тој.

Најдете време за јога

Мејсон вели дека 15-минутната утринска јога ѝ помага да го започне денот како што треба. Но, таа признава дека често мора да стане од кревет порано за да ја вклопи јогата во нејзиниот распоред. Сепак, нашла решение.

- Навечер ставам подлога за јога до мојот кревет, па сè што треба да направам е да се стркалам од креветот на мојата подлога - вели таа.

Запрашајте се како сте

Тенисон вели дека премногу често луѓето ги започнуваат своите денови без да се запрашаат како се, како се чувствуваат. Со овие прашања таа започнува секој ден. Често се прашува дали се обидува да надмине одредени чувства кои дефинитивно ги чувствува.

- Способноста да ги препознаеме чувствата и состојбите како „денес сум пораздразлива“ и да не мислиме „таа личност е навистина досадна денес“, ќе влијае врз нашите меѓусебни односи - вели таа и додава дека е навистина тешко да ги препознаеме сопствените емоции, но кога го правиме тоа, речиси секогаш помага.

Како да ја пронајдеме утринската рутина што најмногу ни одговара?

За воведување нова рутина ќе биде потребно време. Ако сакате да ја промените вашата утринска рутина за подобар почеток на денот, бидете трпеливи, вели Мејсон. Изберете нешто на што ќе се радувате. Запомнете, поентата на добрата утринска рутина е да ве стави во добро расположение, додава Мејсон. Ако некој од предлозите не ви се допаѓа, обидете се со нешто друго.

- Тоа може да биде прелистување списание или книга со чај, или пишување дневник. Треба да го правите она што ви носи мир  кога ќе се разбудите и да не вршите непотребен притисок врз себе за да имате совршена рутина - истакнува Мејсон.

Извор: Eklinika
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот