Повеќе од четири илјади вработени во „Гугл“ потпишале петиција што ја испратиле до шефот на компанијата, Сундар Пичаи, во која се спротивставуваат на соработката со американското министерство за одбрана. И бидејќи досега петицијата остана без никаков учинок, дел од вработените (наводно се работи за најмалку 12 лица) дале отказ со намера да испратат порака дека нешто не е во ред со компанијата чиј слоган би требало да биде „не биди зол“.
(
Фото: Pixabay)
Еден од вработените што дал отказ предупредил на ситуацијата во последните неколку месеци и однесувањето на челниците на компанијата кон проблемите на вработените, односно на начинот на кој истите (не) се слушаат и (не) се третираат.
Да потсетиме, „Гугл“ се согласи да биде дел од „
Проџект Мејвен“ на Пентагон, во кој американското министерство за одбрана ја користи технологијата на „Гугл“, односно вештачката интелигенција и машинското учење за анализа на голем број видеозаписи и фотографии снимени со дронови.
Бидејќи се работи за огромна количина податоци, невозможно е истите да бидат анализирани од страна на луѓе. Пентагон сепак не поседува толку напредни алатки како Гугл“, па затоа се обратиле за помош до оваа компанија. Иако компанијата тврди дека нивната технологија нема да се користи за офанзивни цели (наводно би требало само да ги означува луѓето и возилата на видеозаписите и фотографиите кои потоа ќе бидат анализирани од страна на војската), повеќето вработени во „Гугл“ биле шокирани кога разбрале за оваа соработка.
Користењето на комерцијалните алатки на „Гугл“ во воени цели – макар и само за анализа на фотографии и видеозаписи, би можело да има негативно влијание не само врз вработените во компанијата туку и врз милиони нејзини корисници. Останува да следиме каков ефект ќе постигне петицијата, но и депонираните оставки и дали компанијата ќе ја продолжи соработката со Пентагон.