X
 08.12.2018 Технологија

Технолошкиот гигант„Алфабет“ ќе тестира достава со дронови во Финска

Технолошкиот гигант „Алфабет“ идната година во Финска ќе ги тестира своите достави со дронови, а проектот е насочен кон олеснување на доставата на производи, намалување на метежот во сообраќајот во градовите, како и на емисиите на јаглероден диоксид.

Хелсинки ќе биде првата европска локација на која ќе се спроведува проектот. „Винг“, стартап во сопственост на „Алфабет“, најави дека следната година ќе почне со пробен сервис.  

Дронот ќе испорачува пакети со тежина до 1,5 килограм и тоа за неколку минути по примањето на нарачката. Од „Винг“ истакнаа дека нивните дронови веќе извршиле околу 55.000 испораки во Австралија, испорачувајќи производи како лекови, кафе и друго. Оттаму додадоа и дека ја одбрале Финска за тестирање во Европа затоа што Финците се познати по тоа што брзо усвојуваат нови технологии.

Купувачите ќе можат да нарачаат достава преку апликација на смартфон, а доставата со дрон ќе биде бесплатна во пробниот период. Во „Винг“ сè уште не знаат што ќе доставуваат со дроновите во Финска, но моментално добиваат сугестии на нивната интернет-страница.

Неколку компании, меѓу кои и „Винг“ и „Амазон“, со години развиваат услуги за достава со дронови.

Извршниот директор на „Амазон“, Џеф Безос, уште во 2013 година ја најави услугата за достава наречена „Амазон Прајм Ер“, на која ѝ даде рок од пет години за реализација, но таа сè уште е во процес на развој.

За да може услугата на достава со дронови да биде прифатена, технолошките гиганти мора да покажат дека нивните дронови се сигурни.

Критичарите исто така се прашуваат дали јавноста ќе сака дроновите да испорачуваат стока во градовите. Но, од „Винг“ истакнуваат дека испораката со дронови е посигурна, побрза и еколошки поприфатлива од испораката на земја.

Инаку, „Алфабет“ е матична компанија на „Гугл“.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија