Додека егзопланетите изгледа дека се многубројни надвор од нашиот Сончев Систем, месечините кои може да очекуваме да орбитираат околу нив се друга приказна. Пред некоја година астрономите мислеа дека конечно најдоа егзомесечина, која беше наречена Нептмун, но тоа сега изгледа помалку веројатно.
Со оглед на оваа дилема, едно ново истражување посветува внимание на она што можеби се случува на егзомесечините што орбитираат околу џиновски гасовити планети, мигрирајќи навнатре кон нивните ѕвезди, како што изгледа е случајот со Јупитер.
Астрофизичарот Марио Сучеркија и неговите колеги имаат хипотеза дека овие сателити се ослободуваат од нивната поврзаност со нивните планети-родители како што се приближуваат поблиску до нивното сонце. Во трудот е наведено дека досега тие веќе не се месечини ни планети, туку „плунети“ (зборот е изведен со спојување на англиските зборови planet - планета и moon - месечина).
Дополнително, според истражувачите, нашата Месечина може да има слична судбина еден ден, иако Земјата не е гасовит џин.
- Плимната сила на Земјата постепено ја турка Месечината подалеку од нас со стапка од околу 3 сантиметри годишно. Така, Месечината навистина е потенцијална плунета штом еднаш ќе стаса до нестабилна орбита - предупредува Сучеркија.
Истражувањето во новиот труд е базирано на начинот на кој големите гасовити џинови биле набљудувани како полека се движат навнатре преку нивните сончеви системи кон нивните сонца. Така, тоа сугерира дека како што тоа тело се приближува кон ѕвездата, орбитата на неговата месечина (погодена и од гравитацијата на планетата и од онаа на ѕвездата-домаќин) искусува зголемена енергија, која станува нестабилна. Тоа на крајот ја ослободува месечината од гравитациските врски на планетата-родител.
Дополнително, заклучоците во трудот се изведени и од серија компјутерски симулации кои истражувачите ги спровеле за она што би се случило со месечина која орбитира околу мигрирачки гасовит џин.
Моделите откриле дека 44 отсто од месечините би исчезнале така што би биле повлечени во нивните планети. Ѕвездата во системот би зела и уништила дополнителни 6 проценти. Сепак, значителен број егзопланети (околу 48 отсто) би се одделиле од нивните планети и би почнале дa орбитираат околу нивни ѕвезди како плунети. Околу 2 отсто би биле исфрлени од нивните сончеви системи.
Ова секако би објаснило зошто сè уште немаме најдено докази за
егзомесечини.
Фото: Freepik