Американската вселенска агенција НАСА подготвува нова мисија на Месечината во која ќе биде вклучена нова ракета со екипаж. Новата мисија за освојување на сателитот на Земјата ќе се одвива во три фази.
НАСА најавува почеток за подготовка на нова мисија во чии рамки астронаутите прво ќе посетат нова база сместена во орбитата на Месечината. Според процените на НАСА, потребно е да се достигнат неколку технолошки цели пред човечка нога повторно да стапне на површината на Месечината.
Првиот чекор вклучува изградба и усовршување на летала со кои ќе се патува на Месечината. НАСА сака да го доврши проектот за специјална супер голема ракета „спејс лаунч систем“, потребна за транспорт на поголеми модули, како оној за екипаж.
Тоа летало ќе овозможи три мисии. Првата вклучува лансирање на летала без екипаж кои ќе ја обиколуваат Месечината и ќе се вратат на Земјата, а е именувана „ЕМ-1“.
Втората мисија „ЕМ-2“ ќе понесе екипаж, додека дури третата би овозможила лет до вселенската станица „Гејтвеј“, сместена во орбитата на Месечината.
Оваа станица ќе служи како база за сите научни и комерцијални мисии на Месечината.
Од НАСА предупредуваат дека пред испраќањето на екипажот мора да се развијат технологии, кои може, но и не мора да проработат од прва. Токму поради тоа, рокот од десет години го сметаат за многу оптимистичен.
Агенцијата планира и да се изгради летало со кое екипажот ќе може без тешкотии да се спушти и подигне од површината на Месечината. Оваа технологија е од многу голема важност, со оглед на тоа дека е клучна за преживување на екипажот.
Експертите тврдат дека мисиите со човечки екипаж нема да тргнат кон Месечината пред 2026
година.