X
 22.02.2019 Наука

Земјината атмосфера е поголема отколку што мислевме

Луѓето сакаат да ставаат граници на нештата. На пример, граница меѓу атмосферата на Земјата и вселената е Карамановата линија, која се наоѓа на алтитуда од 100 километри, каде што завршува аеронаутиката и настапува астронаутиката.

Но, атмосферата на Земјата е многу покомплицирана од тоа (дури има и дебата за тоа каде треба да биде Кармановата линија). Сега тим астрономи открија дека е поголема отколку што мислевме и се протега до Месечината.

Регионот се вика геокорона, дел од атмосферскиот слој наречен егзосфера. Тоа е замаглен облак од неутрален водород кој најдобро може да се види во ултравиолетова светлина.

Поради тоа што е тенка, многу е тешко да се измери геокороната. Порано се мислеше дека горната граница е околу 200.000 километри од Земјата бидејќи тоа е точката на која притисокот од соларната радијација ја потиснува Земјината гравитација.

Но, според податоците од Соларната и хелиосферична опсерваторија (СОХО), која е во косопствеништво на Европската вселенска агенција и на НАСА, таа граница не е ни блиску. Научниците утврдиле дека геокороната се протега до 630.000 километри. Тоа значи дека го опфаќа нашиот сакан сателит во атмосферска прегратка.

- Месечината лета низ Земјината атмосфера - вели физичарот Игор Балиукин од рускиот Институт за истражување на вселената.

Всушност, на просечна оддалеченост од 384.400 километри таа е речиси на средината од геокороната.

Илустрација на геокороната
Фото: Science Alert

Уште поинтересен е фактот дека СОХО ги направила овие опсервации уште пред повеќе од две децении, меѓу 1996 и 1998 година. Податоците си седеле во архива и чекале некој да ги изанализира.

Интерпретациите биле направени за да се мапира геокороната со помош на инструментот SWAN, чувствителна опрема дизајнирана да ги мери емисиите на ултравиолетова светлина од атомите на водород, наречени Лиман-алфа фотони.

Ние не можеме да ги видиме од Земјата бидејќи се апсорбирани од внатрешните слоеви на атмосферата, па потребни ни се инструменти во атмосферата за да ги бараат. На пример, астронаутите од „Аполо 16“ можеле да ја фотографираат геокороната во 1972 година без да знаат дека се во неа.

Фотографија од геокороната, направена од Месечината од страна на астронаутите од „Аполо 16“
Фото: Science Alert

Тоа што го знаеме протегањето на геокороната нема да смени многу во истражувањата на вселената, но ова би значело дека ниеден човек никогаш всушност не бил надвор од Земјината атмосфера. Изгледа имаме уште многу работа.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука