X
 17.07.2019 Наука

Направени се првите фотографии од квантна заплетканост

Научната заедница е воодушевена од првите фотографии во историјата од квантна заплетканост - феномен кој е толку несфатлив што дури и Алберт Ајнштајн го опишал како морничаво дејствување на далечина.

Овие фасцинантни фотографии биле направени од страна на физичари од Универзитетот во Глазгов, Шкотска. Иако на прв поглед тие изгледаат едноставни и неугледни, физичарите во светот со причина се маѓепсани и не можат да престанат да ги гледаат.

Имено, овие малку груби црно-бели снимки ја покажуваат квантната заплетканост, односно тајното случување во кое две честички стануваат нераздвоиво поврзани. Што и да ѝ се случи на некоја од нив, веднаш ѝ се случува и на другата, без оглед на тоа колку се оддалечени - може да се наоѓаат и на различни страни на галаксијата. Поради овие несфатливи карактеристики, Ајнштајн овој феномен го нарекол „морничаво дејствување на далечина“.

Покрај тоа, квантната заплетканост претпоставува дека честичката во системот „знае“ кои мерења се изведени на другата честичка (која може да се наоѓа на оддалеченост и од неколку стотици илјади светлосни години) и со кои резултати, иако никому не му е јасно на кој начин се разменуваат тие информации меѓу честичките.

Сега кога знаеме колку е фасцинантен феноменот на квантна заплетканост, веројатно и повеќе ќе нè интересира што точно е прикажано на овие фотографии.

Имено, на нив е фатена преплетеноста на два фотона кои се однесуваат како да се еден систем.

Физичарот Пол-Антоан Моро, предводник на тимот кој ги направил фотографиите, истакна дека тие се елегантна демонстрација на фундаментални карактеристики на природата.

За да ги направат фотографиите, физичарите создале систем кој исфрлал заплеткани фотони на неконвенционални објекти.

Прво ги разделиле заплетканите фотони и пуштиле еден дел низ течен кристален материјал, односно низ материјал познат како β-бариум ботат, кој имал 4 филтри, со чија помош кај фотоните се предизвикани 4 фазни премини (промени на состојбата).

Другиот дел од зраците не биле пуштени низ течен кристал и филтри, но фотоните минале низ исти промени, односно 4 фазни премини. Со други зборови, фотоните биле заплеткани и на еден дел од тие честички им се случувале истите промени како и на другите иако се дејствувало само врз еден дел од нив.

Фасцинантно, зарем не? Особено ако се земе предвид дека целиот процес е и фотографиран.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука