X
 11.02.2016 Наука

Ајнштајн бил во право - Докажано астрономското откритие на векот


100 години по нивното прво спомнување, теоријата за постоењето на гравитациските бранови од Алберт Ајнштајн е докажана од страна на научниците.

„Дами и господа, ги откривме гравитациските бранови!“ - изјави Дејвид Рејц, директор на ЛИГО веднаш на почетокот на конференцијата.

Рејц го спореди откритието со откритието на телескопот на Галилео Галилеј пред повеќе од 400 години. 

Прес-конференцијата во Вашингтон се одржи по долготрајно шпекулирање за теоријата на Ајнштајн. Истата беше најавена истава недела од страна на Националната фондација за наука во Америка заедно со ЛИГО (LIGO - Laser Interferometer Gravitational-Wave Observatory experiment) откако повеќе научници изјавија дека за време на експериментот навистина биле откриени гравитациски бранови, и тоа неколку месеци по неговото започнување.



Наоѓањето на гравитациските бранови предизвикани од силите ослободени од судирот на црните дупки претставува сеопфатен доказ за познатата теорија за релативност на Алберт Ајнштајн, која научникот ја објавил во 1916 година. Ова отвора нова ера во областа на астрономијата со набљудување на брановите во простор-времето.


Имено, со ова може да откриваме невидливи објекти како што се црни дупки и настани, како судирање на неутронски ѕвезди. Со ова може и да погледнеме назад кон почетокот на времето. Ајнштајн ги предвидел овие бранови со својата теорија за релативност, според која просторот и времето се меѓусебно зависни, а за неподвижен објект остануваат статични. Но, во присуство на два објекти, нивните материи и енергии ќе се поврзат и ќе предизвикаат меѓусебно забрзување, што емитува гравитациски бранови.

Според Ајнштајн, овие бранови се однесуваат исто како и светлинските и радио брановите, но тие комуницираат со просторот и времето.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука