X
 17.07.2021 Живот

Платил 28 милиони долари за лет во вселената со Безос, но нема да патува

Мистериозниот купувач кој потроши 28 милиони долари за 11-минутно возење до работ на вселената заедно со Џеф Безос го извести Безос дека нема да патува поради пренатрупан распоред.

„Блу ориџин“ во соопштението за јавноста соопшти дека личноста, која бара да остане анонимна, морала да го откаже патувањето затоа што била многу зафатена, а ќе има можност да патува во текот на некоја идна мисија.

На неговото место, заедно со Џеф Безос, неговиот брат Марк Безос и 82-годишната Вили Фанк, која е пилот и една од жените од „Меркур 13“, ќе биде 18-годишниот матурант Оливер Даемен.

- Даемен беше учесник на аукцијата и си обезбеди место за вториот лет. Сега кога се ослободи место, го додадовме во екипажот. Не откриваме колку плати тој - изјави портпаролот на „Блу ориџин“.

damien
Фото: Blue Origin

Некои извори за американските медиуми велат дека местото на Даемен му го купил неговиот татко Џос Даемен, основач и извршен директор на „Сомерсет капитал партнерс“, инвестициска фирма со седиште во Холандија.

Даемен, кој оваа есен ќе биде студент на Универзитетот во Утрехт, Холандија, ќе стане најмладата личност што некогаш летала во вселената, а Фанк најстарата.

Ова патување ќе го означи првиот лет на суборбиталната ракета за вселенски туризам на „Блу ориџин“, наречена „Њу Шепард“, а компанијата го искористи овој факт како продажна точка што доведе до војна со наддавањето во живо минатиот месец.

Понудата од 28 милиони долари беше далеку поголема отколку што повеќето очекуваа дека ќе се постигне за време на аукцијата. „Блу ориџин“ ѝ ги донира парите на својата непрофитна организација „Клаб фор д фјучр“, насочена кон поттикнување на научно и техничко образование кај децата. Организацијата, пак, им донира 19 милиони долари од тие пари на различни непрофитни организации фокусирани на вселената, вклучувајќи и стипендија „Брук Овенс“, кој е фонд за стипендии за жени, и познатиот „Спејс камп“ во Алабама, кој моментално има финансиски проблеми.

„Блу ориџин“ помина голем дел од последната деценија водејќи ја суборбиталната ракета „Њу Шеперд“ низ низа успешни тест-летови кои беа целосно автоматизирани и на кои досега немаше луѓе. Компанијата минатиот месец објави дека е конечно подготвена да почне со закажување летови за патници, а Безос, милијардерот и сопственик на „Амазон“, кој ја основаше „Блу ориџин“ во 2000 година, ќе биде дел од првата мисија.

Според веб-страницата на компанијата, постојат неколку ограничувања за тоа кој може да лета со „Њу Шеперд“: личноста мора да има 18 или повеќе години, да биде во одбра физичка форма за да се искачи на седум скалила, треба да биде висока помеѓу 152 и 193 сантиметри, тешка помеѓу 50 и 100 килограми. Освен тоа, патниците мора да имаат способност да го врзат и одврзат појасот за помалку од 15 секунди и да поминат еден и пол час врзани во капсулата.

Вселенското патување е планирано за 20 јули.

Извор: CNN
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот