Емоционалната интелигенција е концепт за кој сѐ повеќе се зборува и тоа не само во професионалните кругови. Луѓето што знаат добро да ги „читаат“ сопствените емоции, како и туѓите, психолошки се многу постабилни и позадоволни од својот живот. Тоа се луѓе кои се помирувачи, оние за кои се вели дека „во добро не се возвишуваат, а на зло не се понижуваат“. Што е емоционалната интелигенција и дали може да биде гаранција за ментална и физичка благосостојба, објаснува психологот и професор на Филозофскиот факултет во Белград, д-р Ана Алтарас Димитријевиќ.
Што е емоционална интелигенција?
Џон Мајер и Питер Саловеј го вовеле концептот на емоционална интелигенција во психологијата во 1990 година. Накратко, според нивната дефиниција, емоционалната интелигенција е нашата способност когнитивно да обработуваме - односно да воочуваме, запомниме, симболично да изразиме и логички да ги поврзуваме - информациите поврзани со емоциите.
- Нешто поконкретно, емоционалната интелигенција би била нашата способност точно да ги препознаеме и именуваме сопствените/туѓите емоции, но и да знаеме зошто или кога се појавува некоја емоција, кои можат да бидат нејзините последици и кои се целисходните начини за нејзино регулирање со цел да се постигне посакуваниот исход - вели д-р Ана Алтарас Димитријевиќ.
Емоционалната интелигенција во секојдневниот живот
Дефиницијата за емоционална интелигенција Алтарас Димитријевиќ сликовито ја објаснува преку емоцијата гнев, како пример.
- Во овој случај, емоционалната интелигенција би значело дека навремено и правилно забележуваме кога нешто „врие“ во нас, дека умееме тоа да го означиме како гнев, да видиме што би можело да биде причина за тоа чувство, дека можеме да го предвидиме сопственото однесување кога сме лути, како и реакциите на другите на тоа и конечно, да знаеме како гневот може да стивне, ако се грижиме да избегнеме конфликт или да не повредиме друга личност - прецизира Алтарас Димитријевиќ.
Дали тестовите можат да го одредат нивото на емоционална интелигенција?
Познато е дека интелигенцијата најчесто се мери со тестови, па дали е можно со тестови да се одреди нивото на емоционална интелигенција? Проф. д-р Ана Алтарас Димитријевиќ наведува дека психологијата во последните дваесет години направила голема промена кога станува збор за мерењето на емоционалната интелигенција, па денес, без голема резерва, може да се даде потврден одговор на ова прашање.
- Да, постојат психолошки тестови кои ни даваат релативно добра процена за емоционалната интелигенција на една личност. Меѓутоа, морам да нагласам дека тоа не се тестови каде што човек се оценува себеси на ставки како на пример: „Можам добро да препознам што чувствуваат другите луѓе“ или „Кога сум тажен, причините за тоа секогаш ми се јасни“. Другите форми на интелигенција не ги мериме со тоа што бараме од луѓето да проценат колку се добри во решавањето логички проблеми или во справувањето со зборовите, туку со тоа што ќе им дозволиме да решат некои логички проблеми или да интерпретираат некои зборови. Така е и со емоционалната интелигенција: ја мериме со тестови каде што од испитаникот се бара точно да ги препознае и именува емоциите, па да покаже дека ги разбира можните причини за соодветни проблемски задачи, како и последиците и начините на регулирање на емоциите - објаснува Ана Алтарас Димитријевиќ.
Емоционалната интелигенција и успехот на училиште и на работа
Исто така, се смета дека луѓето со повисока емоционална интелигенција во просек се поуспешни во многу сегменти од животот, како на деловен така и на личен план.
-Емоционално интелигентните луѓе се доживуваат како посоработливи и подопадливи, имаат подобри односи со членовите на семејството и пријателите, за разлика од оние што се помалку емоционално интелигентни. Тимот што собира луѓе со повисока емоционална интелигенција има поголеми шанси за успешна соработка отколку тим со ниско ниво на емоционална интелигенција. Емоционалната интелигенција се поврзува и со подобар училиштен успех, а според некои податоци, и со успехот на работа - вели Алтарас Димитријевиќ, но потсетува и дека нечие однесување зависи од многу фактори, не само од интелигенцијата или емоционалната интелигенција.
Примерот на Достоевски
Ана Алтарас Димитријевиќ објаснува дека интелигентната личност може да има проблеми и покрај тоа што во принцип добро ги разбира емоциите.
- Можеби најдобриот пример за ова е Достоевски: неговите книжевни дела сведочат за супериорна способност за разбирање на емоциите, но неговиот живот беше преполн со проблеми на емоционално ниво - вели Алтарас Димитријевиќ.
Дали емотивно интелигентните луѓе можат да имаат поголем успех во некои професии?
Разумно е да се претпостави дека емоционалната интелигенција е важен фактор за успех во сите професии кои вклучуваат постојана интеракција со луѓето и бараат многу таканаречена „емоционална работа“ или „емоционален напор“, што се тврди во психолошката литература.
- На пример, во малопродажбата и угостителството, „емоционалната работа“ се состои во тоа да се биде секогаш насмеан и љубезен со клиентите, во услужните професии - да се поттикне и расположи другиот, во глумата - автентично да се прикаже целиот опсег на емоции. Според некои податоци, луѓето со висока емоционална интелигенција се навистина поуспешни во ваквите професии од луѓето со ниска емоционална интелигенција - вели Алтарас Димитријевиќ.
Не гарантира ментално здравје, но е важна за негово зачувување
Самата по себе, емоционалната интелигенција не е гаранција за менталното и физичкото здравје (да се потсетиме на примерот на Достоевски), туку е важен заштитен фактор, односно ресурс во нејзиното зачувување, потенцира Алтарас Димитријевиќ.
- Многу истражувања покажаа дека луѓето со повисока емоционална интелигенција имаат и повисоко ниво на психолошка благосостојба, дека генерално се позадоволни од својот живот и дека во него наоѓаат поголема смисла. Утврдено е и дека таквите луѓе помалку доживуваат осаменост. Соодветно на тоа, постојано се утврдува дека повисоката емоционална интелигенција значи помала појава на ментални проблеми и нарушувања, вклучително и симптоми на депресија - додава Алтарас Димитријевиќ.
Можеме ли да развиеме емоционална интелигенција?
-Во оваа рамка, секоја изјава или гест со кој му помагаме на детето подобро да ги согледа и именува емоциите, да ги разбере нивните причини и последици и да научи за различните стратегии за емоционална регулација, е мал придонес во развојот на емоционалната интелигенција. Секојдневно се нудат можности за тоа, особено кога му читате на детето или гледате филм со него, а потоа разговарате за тоа. Би се осмелила да кажам дека читањето фикција е, исто така, важно за развојот на емоционалната интелигенција, не само кај децата. Згора на тоа, денес постојат научно засновани програми за подобрување на емоционалната интелигенција, кои се спроведуваат во рамките на училиштата - објаснува Ана Алтарас Димитријевиќ.
Емоционална и вештачка интелигенција
Алтарас Димитријевиќ споделува и како таа ја гледа иднината на емоционалната интелигенција кога во фокус е посилниот развој на вештачката интелигенција.
-Единственото нешто што можам да го кажам со сигурност е следново: вештачката емоционална интелигенција веќе постои, на пример, програми за препознавање на емоциите на лицето и постојат шанси таа да напредува како што напредува научното знаење за човечкото емоционално функционирање - сето ова знаење ќе биде „вградено“ во вештачката емоционална интелигенција, доколку продолжи работата на нејзиниот развој. Каде води - можам само да претпоставувам - заклучува проф. д-р Ана Алтарас Димитријевиќ.
Извор: Eklinika.telegraf.rs
Фото: Freepik