X
 17.09.2018 Технологија

Овие работни места во блиска иднина ќе бидат резервирани за роботи

Роботите најдоцна до 2025 година ќе вршат 52 отсто од постојните работи, речиси двојно повеќе отколку денес, покажува истражување на Светскиот економски форум.

Истражувањето се базира на анкета во која учествувале директори на кадровските служби и други високорангирани челници од неколку компании од целиот свет со вкупно учество во глобалниот БДП од 70 отсто.

Според нивната процена, до 2025 година машините ќе вршат повеќе од половина од постојните задачи на работното место, додека денес извршуваат околу 29 отсто. Паралелно, луѓето би можеле да добиваат нов улоги, со што од нив ќе се бара преквалификација за да останат во чекор со промените во работата со машините и компјутерските програми, проценуваат од Форумот.

Брзите промени на машините и алгоритмите, компјутерските процеси насочени кон решавање на проблемите, би можеле да креираат 133 милиони нови улоги кои ќе заменат 75 милиони, во периодот од денес до 2022 година.

Авторите на извештајот предвидуваат дека роботите брзо ќе ги заменат луѓето во сметководството, управувањето со клиенти и во индустрискиот, поштенскиот и секретарскиот сектор.

Паралелно би требало да се зголеми побарувачката за работи за кои се потребни човечки вештини, како што се продажбата, маркетингот и односите со клиентите, како и електронската трговија и социјалните мрежи.

Голем предизвик ќе биде преквалификацијата на работниците, кои ќе бидат под притисок да усвојат нови вештини, особено на подрачјето на креативноста, критичкото мислење и убедување, покажува истражувањето.

До 2022 година особено ќе биде силна потребата за преквалификација на работниците во авиосообраќајот, секторот за патувања и туризам, утврдиле авторите, истакнувајќи го општиот тренд на континуирано учење и приспособување.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија