X
 17.09.2020 Живот

Одржан првиот погреб со употреба на „жив ковчег“, направен од влакна од печурки

По неколкумесечно тестирање во Холандија се одржа првиот погреб со употреба на „жив ковчег“ што брзо се компостира. Ковчегот беше направен од мицелиум, вегетативно тело на печурките што се состои од тенки разгранети конци.

- Разговарав со роднина за циклусот на животот. Тој ја изгуби својата мајка, но беше среќен затоа што благодарение на оваа кутија таа се врати во природата и наскоро ќе живее како дрво - вели Боб Хендрикс, основач на „Луп“, компанија што го произведува ковчегот.

Хендрикс, 26-годишен биодизајнер кој студирал на Техничкиот универзитет во Делфи, вели дека ковчегот „Ливинг кукун“ им овозможува на луѓето повторно да станат едно со природата.

- На тој начин можеме да ја збогатиме почвата наместо да ја загадуваме - вели тој.

Мицелиумот ги неутрализира токсините и обезбедува свежа храна за сè што расте над земјата, а неговите влакна можат да се користат за да се направи што било - од храна до облека и амбалажи - вклучувајќи и ковчези.

- Мицелиумот постојано бара отпадни производи - пластика, метали и други загадувачи и ги претвора во хранливи материи за животната средина. Овој ковчег значи дека ние всушност ја храниме земјата со нашите тела. Ние сме хранливи материи, а не отпад - вели тој.

Хендрикс вели дека процесот со кој човечкото тело во традиционален ковчег станува ѓубриво често може да трае една деценија или повеќе, а тој е забавен и од лакираното дрво и металите од ковчегот, како и синтетичката облека.

Ковчегот од мицелиум повторно ќе се апсорбира во почвата за еден месец или шест недели, активно придонесувајќи за целосно распаѓање на телото и збогатувајќи го квалитетот на почвата.

„Луп“ работи со научници за мерење на влијанието на човечките тела врз квалитетот на почвата со цел да ги убеди креаторите на политиките да ги претворат загадените области во здрави шуми - со нашите тела како хранливи материи.

Во соработка со две погребни компании во Хаг, „Луп“ направи 10 ковчези по цена од околу 1.250 евра. Од компанијата велат дека очекуваат цената значително да падне како што ќе се интензивира производството, а Хендрикс се надева дека ковчезите од мицелиум ќе станат „новото нормално“.

Извор: The Guardian
Фото: Loop
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот