X
 23.09.2019 Живот

И во Швајцарија одржан погреб за глечер што исчезнал поради глобалното затоплување

Стотици луѓе беа присутни на „погреб“ на висока надморска височина за швајцарски глечер кој исчезнал поради глобалното затоплување.

Климатските активисти, облечени во црно, се искачиле на 2.600 метри надморска височина за да оддадат почит на остатоците од глечерот Пизол на Гларнските Алпи, Источна Швајцарија.

Повеќе од 80 отсто од мразот исчезнале од 2006 година, а сега преостануваат само 26.000 квадратни метри. Глечерот, кој имал 320.000 квадратни метри во 1987 година, се очекува да исчезне до крајот на следната деценија.

- Но, тој веќе изгуби многу површина, така што, од научна перспектива повеќе не е глечер - рече Алеандра Дегиакоми од Швајцарското здружение за заштита на климата.

Пизол беше прогласен за мртов на церемонија во неделата. Глечерот, кој се набљудува од 1893 година, ќе биде првиот што повеќе нема да се набљудува од швајцарската мрежа за набљудување на глечерите.

- Сум се искачил тука безброј пати. Исто е како да гледам како ми умира добар пријател - вели Матијас Хус, експерт за глечери на универзитетот ЕТХ Цирих.

Погребот следува по сличен настан што се случи во Исланд во август, кога климатските активисти  се збогуваа со исландски глечер.

глечер
Глечерот Пизон, фотографиран летото 2016 година, 14 август 2017 година и 4 септември 2019 година
Фото: Getty Images

Активизмот за климатските промени расте во Швајцарија, која има околу 1.500 глечери. Претходно оваа година десетици луѓе беа уапсени откако ги блокираа влезовите во швајцарските банки за кои активистите сметаат дека се виновни за нивната улога во финансирањето на енергетски проекти зависни од фосилни горива.

Земјата позната по својата директна демократија наскоро може да гласа да стане климатски неутрална, откако организаторите на кампањата наречена „Иницијатива за глечери“ собрале 12.000 потписи потребни за да ја поттикнат мерката на гласање.

- Повеќе не можеме да го спасиме глечерот Пизол. Но, ајде да направиме сè што можеме за да им покажеме на нашите деца и внуци глечер тука во Швајцарија, по стотици години - вели Хус.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот