Скелет на неандерталец откриен во пештерата Шанидар во Ирак, која е веќе позната по фосилите на изумрените роднини од нашиот вид, дава нови докази дека тие ги погребувале починатите, но и дека при тие ритуали користеле цвеќе.
Во пештерата во Курдистан, на северот од Ирак, во 1960 година е откриен добро зачуван горен дел од телото на возрасен неандерталец, кој живеел пред околу 70.000 години.
Се проценува дека неандерталецот, кој е наречен Шанидар З, бил во 40-тите или 50-тите години од животот, но неговиот пол останал неутврден.
Пештерата била клучна локација за археологијата на 20 век. Пред 6 децении во неа се ископани остатоци од 10 неандерталци, седуммина возрасни и три деца, што овозможи увид во нивните физички карактеристики, однесување и исхрана. Тогаш беа пронајдени и грстови полен во земјата во близина на еден од скелетите, што ги навело научниците да ја истражат можноста дека неандерталците ги закопувале починатите со погребни ритуали со цвеќе.
Таа хипотеза придонесе кон тоа да се промени мислењето дека добата на неандерталците била мрачна и брутална.
Критичарите ги изнеле сомнежите наведувајќи дека поленот би можел да биде контаминација од современите луѓе, кои работат во пештерата, или од глодачи или инсекти.
Коските на Шанидар З кои, како што се чини, се горен дел од скелетот откриен во 1960 година, се откриени во седимент кој содржи древен полен и други минерализирани остатоци од билки, што повторно ја оживеа можноста погребите да се вршеле со цвеќиња.
Научниците со години водат дебата за тоа дали неандерталците ги погребувале починатите со погребни ритуали, како што правиме и ние.
- Овде е клучна намера што се крие зад погребувањето. Можете да погребате тело од чисто практични причини за да ги избегнете опасните мршојадци или за да ја елиминирате смрдеата. Кога не станува збор за практични причини, тоа е важно затоа што покажува посложено, симболично и апстрактно размислување, сочувствување и грижа за починатите, а можеби и чувство на жалење и губиток - истакна Ема Померој, научничка од Кембриџ.
Научниците мислат дека Шанидар З е намерно сместен во јама ископана во подлабоките слоеви на земјата, а бил дел од група од четири индивидуи. Пронајден е како лежи на грб со левата рака под главата и свиената десна рака испружена настрана.
Неандерталците, кои биле покрупни од хомо сапиенсот, се населувале во Евроазија и на атлантскиот брег до планината Урал од пред приближно 400.000 години, а исчезнале пред околу 40.000 години, кога регионот бил населен од нашиот вид.
Насловна фотографија: Пештерата Шанидар/Wikipedia