X
 04.03.2021 Наша тема

Со видеа на кинески јазик ја промовирам македонската убавина во Кина, вели Симона Спиркоска, која десет години живеела во Пекинг

Во Кина знаат за Македонија, но немаат комплетна слика за тоа кои сме и што сме. Македонија ги асоцира на Југославија и на Тито. Затоа сакам да им пренесам дел од нашите убавини, од нашите обичаи и култура. Моите колеги во Пекинг пробале ајвар, шопска салата, бурек, пробале ракија, а го обожаваат македонското вино. Има и обожаватели од Кина што веќе биле во Македонија и пишуваат позитивни коментари

Сакам да ги доближам двете култури, да ги пренесам своите искуства, начинот на живот, затоа што јас имам два дома, едниот е Македонија, а вториот е Кина, ја почна приказната Симона Спиркоска, филолог по кинески јазик и магистер по меѓународна трговија, која во последните десет години студирала и живеела во Кина.
Симона на почетокот на пандемијата на коронавирусот се вратила во Македонија и сега е актуелна со споделувањата на видеата преку кои ја промовира нашата земја, култура, традиција и храна на кинески јазик, со цел да им ја приближи својата земја на пријателите од Далечниот Исток.



Нејзината приказна почнала пред повеќе од десет години на Филолошкиот факултет во Скопје, каде што студирала италијански јазик, но барала дополнителен предизвик и јазик што ќе ја смири нејзината бунтовна душа.

- Видов оглас за настава по кинески јазик и решив да се пријавам. На почеток ме болеше глава од јазикот, но јас бев упорна и се враќав на часовите. Професорката ми предложи да заминам на едногодишно усовршување на јазикот во Кина. По долго размислување додека го чекав одобрувањето на стипендијата, решив на 19-годишна возраст да се одвојам од семејството и во септември 2010 година да почнам необична авантура која траеше десет години. Кога пристигнав во Пекинг, чувствував како да сум на друга планета, како да сум новороденче. За среќа, се запознав со студентка од Мексико која ми стана најдобра другарка и ми помогна да се адаптирам на факултетот, на кој имаше уште 500 странски студенти - вели Симона.



Во текот на студиите Симона и колегите имале многу активности преку кои Кинезите се запознавале со различните култури, фестивали на кои Симона обожавала да настапува и да ја претставува Македонија преку изработување маички, изведување песни и водење настани.
Токму овие активности, кои биле еден вид практична настава, ѝ помогнале на Симона побрзо да го совлада кинескиот јазик, но и да ја научи кинеската култура и обичаи.



- Јас сум благодарна на нивното гостопримство и сум пријатно изненадена од нивната помош. Тие несебично му помагаат на секого. За време на престојот како студент израснав во зрела личност и најмногу учев од нивната понизност, особина која ги издвојува како народ. Кинезите имаат огромна почит кон постарите, ја почитуваат хиерархијата и од нив научив да бидам дарежлива затоа што обожаваат да подаруваат. И ним им значат семејните вредности и пријателите, но за разлика од нас, многу се грижат за своето здравје и имаат специфични навики, како што е времето за оброк. Тие ручаат во 12 часот, а вечераат во 18 часот. Пијат топла вода или чај и не се љубители на ладни пијалаци - раскажува Симона, која едвај се навикнала да пие топла вода.



Идејата за видеа на кинески јазик се родила неодамна. Првично Симона ги промовирала видеата на кинеските социјални мрежи, како WeChat и Sina Weibo, но видела дека овие видеа може да ги искористи на социјалните мрежи што ги користиме ние, односно да ја презентира кинеската култура кај нас.


- Во Кина знаат за Македонија, но немаат комплетна слика за тоа кои сме и што сме. Македонија ги асоцира на Југославија и на Тито. Затоа сакам да им пренесам дел од нашите убавини, од нашите обичаи и култура. Моите колеги во Пекинг пробале ајвар, шопска салата, бурек, пробале ракија, а го обожаваат македонското вино. Има и обожаватели од Кина што веќе биле во Македонија и пишуваат позитивни коментари за нивниот престој тука. Оние што не биле се распрашуваат за Охрид, за храната, а најголем интерес пројавија за природните убавини и селскиот туризам. Кинезите се интересираат за основните убавини во животот. На обожавателите во Македонија сакам да им ја доближам кинеската култура и да им покажам дека Кина не е толку далеку, дека кинескиот јазик не е толку тежок како што изгледа - објаснува таа.





Симона Спиркоска го раскажа своето животно искуство од Пекинг, кинескиот главен град со 22 милиона жители и културна престолнина на една од најстарите светски цивилизации.



- Пекинг е град на историја, политика, култура и уметност. Секој Кинез доаѓа во Пекинг поради уметност и историја. Плоштадот Тијанмен и неговата околина, заедно со Кинескиот ѕид и Забранетиот град, се срцето на автентична Кина, таму може да се доживеат историјата и традицијата. Градот се менуваше во последните десет години. Забрзано се градат деловни центри, населението се зголемува, сè поголем е бројот на странци, сè повеќе се организираат меѓународни настани. На почетокот градот беше порелаксиран. Имаше улични фестивали и забава, улици со храна каде што можете да пробате најбизарна храна, како што се нозе од кокошка на скара, скорпии, шепа од прасе, за која велат дека е специјалитет за убавина - вели Симона и додава дека според традиционалната кинеска медицина, секое јадење е поврзано со некој дел од човечкото тело.

Кина е земја во која може да се доживеат најнеобични искуства, а Симона се присети на една авантура што ја направила по само шест месеци од пристигнувањето и која ѝ помогнала подобро да го запознае кинескиот јазик.





- Зимите во Пекинг се многу ладни и пред Кинеската Нова година се одлучивме да одиме на егзотично 30-часовно патување со воз до најјужната точка во Кина, островот Хајнаи, за да посетиме другарка во градот Хајкоу. Околу празникот се случува огромна миграција на населението, а украсувањето во разни бои, организираните танцови со змеј, пиротехниката и огнометот беа неверојатно доживување. Првпат видов луѓе со црвени заби кои станале зависни од џвакање арека ореви завиткани во листови од растението бетел.



Симона е од Прилеп, но сега живее и работи во Скопје и држи часови по кинески јазик во приватно училиште и на Институтот „Конфуциј“. За кинескиот јазик смета дека не е тежок, само е поразличен од европската група на јазици поради специфичните знаци или симболи:

- Кинескиот не е тежок како што сите си замислуваат. Ние не сме навикнати на знаците кои се пиктофонетски. Означуваат и значење и фонетика. Ни треба време да се навикне нашиот слух на јазикот кој има пет тонови. Еден збор може да го сочинува еден знак, но и два до три знаци. За секојдневна комуникација се потребни околу 3.000 знаци, а до ова ниво се стигнува за две години континуирано учење. Јас сè уште го учам јазикот и секоја година дознавам нешто ново. Олеснителна околност за моите ученици е што кинескиот јазик има најлесна граматика.




За Симона, Кина е втор дом и без разлика кога ќе заврши пандемијата, таа вели дека мора да се враќа почесто таму затоа што има чувство како да живее два живота во два света поради различниот начин на функционирање тука и таму.

Фото: Приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема