Проблемите во глобалните ланци на снабдување предизвикани од пандемијата и војната во Украина доведоа до зголемување на цените за енергија и основните прехранбени производи, меѓу другото. Како на овие проблеми реагирале владите низ светот?
Германија планира да воведе данок на цената на гасот за сите потрошувачи од 1 октомври, но истовремено најавила и државна помош од 15 милијарди евра за „Унипер“, најголемиот увозник на руски гас во земјата. Освен тоа, земјата го намалила данокот на бензинот и дизелот и ги намалила трошоците за јавен превоз.
Францускиот парламент на 3 август усвоил пакет за помош во борбата против инфлацијата вреден 20 милијарди евра. Французите одлучиле и да ги зголемат пензиите и некои облици на социјална помош, како и да им дозволат на компаниите да им исплаќаат поголеми бонуси на вработените без да плаќаат данок за тоа.
Фото: Pixabay
Италија, исто така, одобрила свој пакет за помош вреден околу 17 милијарди евра за да се намалат сметките за струја и гас. Овој пакет доаѓа по потрошени околу 35 милијарди евра досега за ублажување на растот на трошоците за струга, гас и бензин.
Полска во јули донела мерка за „одмор од плаќање“ за граѓаните со кредити во националната валута. Со тоа, граѓаните може да ги прескокнат плаќањата на ратите 8 месеци во период од 2 години.
Американскиот сенат во неделата го одобрил законот за намалување на инфлацијата, во рамки на кој се планирани 430 милијарди долари за намалување на цените за лекови на рецепт, зголемување на корпоративните даноци и мерки за поттикнување енергетска ефикасност.
Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро и владата на таа земја бараат дополнително намалување на цените за горивото од водечката компанија од секторот „Петробрас“. Компанијата во јули двапати го намалила горивото, а цените сега се на најниско ниво од март.
Фото: Pixabay
Индија во мај вовела ограничувања на извозот на прехранбени производи, вклучувајќи ги и пченицата и шеќерот. Земјата, исто така, го намалила данокот на увозот на маслото за јадење.
Јапонија во април одобрила пакет вреден 103 милијарди долари за да се намалат економските ефекти на војната и пандемијата. Воведени се субвенции за намалување на цените на бензинот, како и готовински исплати за домаќинствата со ниски примања кои имаат деца.
Турција на почетокот на јули ја зголемила минималната плата во земјата за околу 30 отсто. Тоа е дополнително на околу 50-отстотниот раст на крајот од минатата година.
Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати на почетокот на јули најавиле зголемување на социјалната помош. ОАЕ двојно ја зголемиле финансиската помош за семејствата со ниски примања.
Извор:
Investitor