X
 08.10.2022 Економија

Зошто инфлацијата е ниска во Јапонија, иако расте насекаде низ светот?

Инфлацијата забрзува секаде низ светот, но не и во Јапонија.

Многу држави сонуваат за инфлација од 3 отсто во моментов, а тоа е реалност во Јапонија. Тоа е нивото на инфлацијата во оваа азиска држава во август. За споредба, САД имаа инфлација од 8,3 отсто тој месец, Канада 7 отсто, Франција 5,9 отсто, Германија 7,9 отсто, Италија 8,4 отсто, а Обединетото Кралство 9,9 отсто. Во Македонија инфлацијата достигна 16,8 отсто во август, според последните податоци од Државниот завод за статистика.

Зошто инфлацијата е ниска во Јапонија?

Јапонија се соочува со истата криза на храна и енергија како и другите земји, но два фактора играат улога во ниската инфлација, пишува Викторија Мастерсон, автор за блогот на Светскиот економски форум. Првиот фактор се државните регулативи за гас и електрична енергија според кои се дозволува само постепен раст на цените на енергентите. Затоа, компаниите работат со долгорочни договори за испорака, што ги стабилизира трошоците за енергенти.

Освен тоа, Јапонија увезува најголем дел од пченицата преку владина организација која ги одредува цените на секои шест месеци. Ова ѝ помогна на државата да ги одбегне најголемите шокови во растот на цените за храна и енергија поради војната во Украина.


Фото: Pixabay

Втората причина зошто инфлацијата во Јапонија е пониска е побавното закрепнување од пандемијата во споредба со другите развиени земји. Токио ги укинуваше мерките за ковид-19 постепено, а тоа доведе до одложено зголемување на побарувачката во однос на другите земји. Домашната побарувачка во Јапонија е слаба и ова ги задржува цените на ниско ниво.

Слабата побарувачка делумно е резултат на ниските плати бидејќи над третина од сите работни места се со половина работно време или на ограничен договор на дело. Освен тоа, работничките унии повеќе се фокусираат на борбата за сигурна работа отколку висока плата.

Инфлацијата во Јапонија е на ниско ниво одамна, поточно од 1989 година, кога имаше банкарска криза и крах на берзата. Инфлацијата дури стана дефлација во 2000 година и повторно за време на пандемијата.

Извор: World economic forum
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија