X
 17.10.2019 Живот

Пуштањето на песната „Purple Rain“ на митинг на Трамп предизвика остри реакции

Песната „Purple Rain“ неодамна беше изведена на митинг на американската Републиканска партија за американскиот претседател Доналд Трамп, а компанијата „Prince’s estate“, што во превод значи „Наследството на Принс“, веднаш реагираше со протестна објава.

Компанијата уште пред една година доби потврда дека ништо од музиката на покојната ѕвезда нема да се користи за кампањите на Трамп, но откако класикот од 1984 година беше отсвирен на митинг во Минеаполис, следуваше реакција.

На официјалниот профил на „Твитер“ беше објавена јасна порака, заедно со писмо од Белата куќа од лани во кое се потврдува дека кампањата нема да користи музика на Принс во врска со нејзините понатамошни активности.

- Претседателот Трамп вечерва ја пушти песната на Принс, „Purple Rain“, на политички настан во Минеаполис, покрај тоа што неговата канцеларија пред една година потврди дека кампањата нема да користи музика од Принс. „Prince’s estate“ никогаш нема да му даде дозвола на претседателот Трамп да ги користи песните на Принс - стои во соопштението.

Принс почина во април 2016 година на 57-годишна возраст.

Ова е најновата од низата гневни реакции на уметниците и нивните претставници во врска со Трамп, кој користи музика без нивна дозвола за политички цели.

Неодамна Ози и Шерон Озборн се налутија поради користењето на песната „Crazy Train“ за видеозапис, а исто реагираше и Аксел Роуз минатата година кога дозна дека тимот на Трамп за кампањата користел песни на неговиот бенд.

Минатата година адвокатите на Стивен Тајлер од „Аеросмит“ испратиле предупредувачко писмо до Белата куќа инсистирајќи да прекине користењето на песната „Livin’ On The Edge“, а пред нив поради исто нешто реагираа и адвокатите на други групи и пејачи.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот