X
 17.10.2019 Наша тема

Возачите на електрични тротинети се движат кај ќе стигнат! Законската регулатива сѐ уште се изработува

Употребата на електрични тротинети секако е за поздрав, но не и нерегулираното движење низ градскиот сообраќај

По тротоари, велосипедски патеки, на коловозна лента, во еднонасочни улици, некои ги возат бавно, некои многу брзо, со или без кациги... Буквално секаде може да ги видите електричните тротинети во Скопје. Со оглед на тоа што и повеќето скопски општини даваат субвенции за купување на ова превозно средство, тие ќе бидат сѐ почести учесници во сообраќајот.
Употребата на електричните тротинети секако е за поздрав, но не и нерегулираното движење низ градскиот сообраќај. Во опасност се и самите возачи на тротинетите, пешаците, велосипедистите...


Фото: Борче Поповски

Немаме регулатива

Македонија сѐ уште нема законска регулатива која ќе одреди каде треба да се движат овие превозни средства, со која брзина и сл. Од Министерството за внатрешни работи ни одговорија дека електричните тротинети се ново превозно средство и затоа, како и во другите земји, и кај нас е потребна измена на законската регулатива. Тие ни потврдија дека во МВР е формирана работна група која работи на измена на Законот токму во оваа насока.
- Членовите на работната група ќе ги користат и дискусиите и заклучоците од тркалезната маса која кон крајот на септември 2019 година беше организирана од страна на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) - законски да се уреди и оваа проблематика - ни одговорија од МВР.

Да не се превезуваат повеќе лица, а возачите да носат кацига

Во меѓувреме, тие даваат препораки како треба да се однесуваат лицата што користат електрични тротинети.
На пример, возачите да имаат зголемено внимание кон сите други учесници во сообраќајот, особено кон пешаците и велосипедистите, да ја приспособуваат брзината на движење со условите на патот и да користат соодветни сообраќајни површини, односно оние на кои нема интензивен моторен и пешачки сообраќај.


Фото: Борче Поповски

Од МВР препорачуваат видно обележување на корисниците на електричните тротинети со флуоресцентни елеци и користење на светлосни уреди на тротинетите, напред светло во бела боја, а назад светло во црвена боја - особено ноќе и во услови на намалена видливост, како и користење заштитна опрема (кацига).
- Препораките се електричните тротинети да не ги користат деца помали од 14 години. На електричните тротинети да не се превезуваат две или повеќе лица - велат од МВР.

Пред извесно време Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот организира тркалезна маса токму на оваа тема. Претседателката на Советот, Гордана Кожуваровска, вели дека електричните тротинети во сообраќајот носат многу придобивки, отвораат многу алтернативи за надминување на проблемот со сообраќајниот метеж, бучавата, континуираниот недостиг на паркинг-места, загаденоста, но носат и многу закани и ризици за безбедноста на учесниците во сообраќајот.
- Присуството на електричните тротинети во сообраќајот наметнува многу прашања за тоа кој може да управува со електричен тротинет, на која возраст, што треба да поседува електричниот тротинет, каква опрема треба да користи лицето што го управува, каде треба да се движат, со која брзина, кој и каква одговорност ќе сноси доколку се случи сообраќајна незгода од посериозен карактер. Сите овие прашања сѐ уште остануваат отворени бидејќи актуелното законско решение не ги определува прецизно ниту поимот „електричен тротинет“ ниту другите аспекти поврзани со учеството во сообраќај со електричен тротинет - вели Кожуваровска.



Во некои земји се забранети, во некои се стимулира употребата

Важно е да се истакне дека проблемот е сложен и од аспект на тоа што во рамките на Европската Унија не постои единствено, унифицирано и општо прифатено решение кое ќе претставува конкретен пример, насока, искуство или препорака која треба да ја следиме, вели таа.
- Напротив, решенијата, европските и светските искуства се различни во различни земји и се движат од една крајност до друга крајност, односно од забрана за учество во сообраќај со електричен тротинет до имплементација на мерки за нивна стимулација, промоција и поддршка на нивна поголема употреба во сообраќајот. Нашето законско решение е во фаза на изработка и се очекува да се донесе во најбрз можен рок - вели Кожуваровска.

Инаку на подрачјето на град Скопје од почетокот на годинава имало една сообраќајна незгода со тешки телесни повреди во која учествувал електричен тротинет, нè информираа од МВР.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема