Андре вон дер Марк му се насмевнува на трамвајот што влегува во срцето на Луксембург. За него, трамваите се повеќе од транспорт. Дури и повеќе од фокусот на неговата работа.
Тие ја трансформираат неговата земја и можеби носат промена во светот. Вон дер Марк е генерален директор на „Лукстрам“.
Првпат почнал да работи со сервисот пред две години, а потоа ја проширил неговата мрежа низ главниот град.
Идејата е дека трамваите се делот што недостига во комплицираната слика на транспортот - начинот на кој се поврзуваат паркиралиштата, возовите и пешаците во срцето на еден зафатен град.
Затоа, единствено во Луксембург наредната година ќе се воведе бесплатен јавен превоз.
По три децении, кога патиштата постепено стануваат сè позаглавени од автомобили, Луксембург прави нешто извонредно. Бесплатен превоз и план да ги убеди патниците да се префрлат од автомобили во трамваи или возови.
Земјата со најголем просечен приход во Европа сака да види дали луѓето, вклучувајќи ги и банкарите кои секојдневно патуваат од соседните земји, ќе бидат охрабрени да ги остават нивните луксузни автомобили и да користат трамвај.
Вон дер Марк, заедно со многу други,одвај чека да види што ќе се случи следно.
- Фактот дека превозот ќе биде бесплатен значи дека секој може да го користи; млад или стар, богат или сиромашен. Секој може да си каже себеси дека е подобро да го остави автомобилот дома. Мора да продолжиме да ја подобруваме и прошируваме мрежата. Клучот за охрабрување на луѓето да користат јавен превоз е да направиме тој да биде најдобрата опција за нив - вели Марк.
Сообраќајните проблеми во Луксембург произлегуваат од армијата од работници.
Населението во главниот град двојно се зголемува во текот на работниот ден, кога повеќе од 110.000 луѓе патуваат во и надвор од него.
Градоначалничката Лиди Полфер се надева дека ќе го достигне моментот кога повеќе од една третина од луѓето што доаѓаат во градот ќе го прават тоа користејќи јавен превоз - во моментот тоа е помалку од една петтина.
- Сè е поврзано со неверојатниот развој на нашиот град во изминатите 10 или 15 години. Денес, навечер има 125.000 луѓе, а во текот на денот двојно повеќе - вели градоначалничката.
- Во изминатите 10 години имаше пораст на населението за 30 отсто. Значи, потребни ни се многу инструменти за да се реши ова - каде да градиме домови, каде работат луѓето, кога патуваат и, секако, како го користат јавниот превоз. Не е практично да се забранат автомобилите затоа што на некои луѓе, на пример, на постарите, им се потребни. Но, сите треба да бидат свесни дека ќе направат нешто за да ја подобрат ситуацијата - вели таа.
- Постои израз на германски јазик: не се наоѓаш во сообраќаен метеж - ти си сообраќајниот метеж, и тоа е точно. Мислам дека бесплатниот јавен превоз ќе биде еден од најголемите аргументи за луѓето да користат јавен превоз - завршува таа.
Ова е голема идеја за многу мала земја, но таа ќе биде набљудувана мошне внимателно, од другите градови и нации.
Престолнината на Естонија, Талин, се обиде со слична шема, но откри дека иако луѓето повеќе користат автобус, тие помалку пешачат.
Но, во Луксембург има заложба на национално ниво, поткрепена со владино ветување дека ќе продолжи да троши за јавен превоз. Тоа е еден фасцинантен социјален експеримент.
Франсоа Бауш е вицепремиер во земјата задолжен за транспортната политика. Вели дека бесплатниот превоз е обид да се создаде промена на парадигмата во однесувањето на движењето.
- Имаме најголем степен на луѓе со мотоцикли - ист број колку Катар. Инвестиравме многу пари во класичниот железнички систем и сега во трамвајот. Мора да ја пресметате придобивката од нашата инвестиција во јавниот превоз со развојот на економијата. И за нашата економија потребен ни е систем за јавен превоз со многу високи перформанси. Ние, владата, веќе субвенциониравме најголем дел од трошоците за тоа - сега ќе плаќаме за сето тоа. Затоа што сметаме дека земјата ќе има корист од таа инвестиција - вели тој.
-
Луксембург, како мала земја, има шанси да биде еден вид светилник и да им покаже на другите дека постојат други можности за да најдеме нови решенија - завршува тој.