X
 17.11.2020 Наука

Некои пајаци ја врзуваат женката пред парење за да не ги изеде

Некои видови пајаци имаат многу насилни ритуали при парењето, покажуваат нови истражувања.

Истражувачи од Чешка го набљудувале видот пајаци Thanatus fabricii и утврдиле дека мажјаците ги касаат и ги врзуваат женките пред парење за да избегнат канибализам.

Секако, ова специфично однесување не е честа глетка - дури и меѓу различни видови пајаци - и според студијата објавена во списанието „Анимал бихејвиор“, карактеристично е само за Thanatus fabricii.

- Пајаците некогаш минуваат часови намамувајќи женки за да се спарат со нив, но овие мажјаци едноставно одат и касаат - вели Ленка Сентенска, автор на студијата од Универзитетот „Масарик“.

Процесот се одвива вака: пајакот-мажјак ја каса женката за нозете. Потоа таа ги крева кон нејзиното тело за да се заштити. Кога ќе се намести во таа позиција, мажјакот ги врзува нозете и телото на женката со неговата свила, правејќи ја неподвижна. Потоа ја оплодува.

Истражувачите исто така известуваат дека по завршувањето на парењето женките остануваат во истата позиција одредено време без да мрднат, пред да се ослободат од свилата со која се врзани. Потоа на женките изгледа им е потешко да ловат, што значи дека целиот процес можеби резултира со долготрајна штета.

Пред да заклучите дека мажјаците-пајаци се садисти, треба да се истакне дека целиот овој ритуал се прави за да не бидат изедени од женките - практика која е прилично честа кај други видови пајаци и инсекти.

Дури и со овие мерки научниците утврдиле дека кај 11 проценти од случаите женките сепак ги јаделе мажјаците пред парењето.

Извор: Interesting Engineering
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука