X
 12.02.2021 Живот

Крај на 8-часовното работно време: Вработените во оваа компанија сами одлучуваат кога и како ќе работат

Компанијата „Селсфорс“ им се придружува на другите технолошки гиганти од Силициумската долина објавувајќи промена во начинот на работа.

Објавено на нејзиниот блог во вторникот, компанијата вели дека работниот ден од 9 до 17 е мртов и дека ќе им овозможи на вработените да изберат една од трите категории што диктираат колку често, ако сакаат, да бидат во канцеларијата откако ќе заврши пандемијата.

Исто така, компанијата им дава на вработените да изберат како ќе изгледаат нивните дневни распореди. Компанијата им се придружи на другите технолошки компании како „Фејсбук“ и „Мајкрософт“ кои најавија перманентна политика на работење од дома како одговор на пандемијата.

- Со оглед на тоа што влеговме во нова година, мора да одиме напред со агилноста, креативноста и умот на почетниците, а тука е вклучен начинот на кој ја негуваме нашата култура. Работниот простор повеќе не е ограничен на бироата во нашите канцеларии; работниот ден што трае од 9 до 17 часот е мртов. Искуството на вработените е повеќе од маси за пинг-понг и грицки - пишува Брент Хајдер, главен службеник за продажба на „Селсфорс“.

- Во нашиот секогаш вклучен, секогаш поврзан свет, повеќе нема смисла да се очекува вработените да работат осумчасовна смена и успешно да си ја завршат работата во тој период. Без разлика дали имате глобален тим каде што треба да ги менаџирате временските зони. Без оглед дали станува збор за балансирањето меѓу личните и професионалните обврски во текот на денот, на работниците им е потребна флексибилност за да бидат успешни - додава тој.

rabota
Фото: Freepik

Хајдер наведува дека земањето на децата од училиште или грижата за болен член од семејството се причини зошто не треба да се очекува вработениот да се јавува на работа во строга осумчасовна смена секој ден. Тој укажува на тоа дека отстранувањето на строгите службени барања ќе ѝ овозможи на „Селсфорс“ да ги прошири своите регрутирања на нови вработени надвор од скапите урбани центри како Сан Франциско и Њујорк.

На блогот, Хајдер ги дефинира трите различни категории на работа: флексибилна, целосно далечинска и канцелариска. Флексибилна би значело да доаѓа во канцеларија еден до три дена неделно или само за тимска соработка, состаноци со клиенти и презентации.

Целосно далечинска е вработените воопшто да не доаѓаат во канцеларија, освен во ретки ситуации или за настани поврзани со работата.

- Вработените што ќе се одлучат за канцелариската категорија ќе бидат најмалата популација на нашата работна сила - вели Хајдер. Нивната улога ќе бара од нив да бидат во канцеларијата четири до пет дена неделно.

- Нашите вработени сами одлучуваат за тоа која стратегија ќе ја одберат, а флексибилноста ќе биде клучна за напредување. Наша одговорност е како работодавци да ги оспособиме нашите луѓе да ја завршат работата за време што најмногу им одговара и да обезбедиме флексибилни опции што ќе ги направат уште попродуктивни - додава тој.

Извор: The Verge
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот