X
 24.05.2017 Живот

Кои работи можат да ги работат младите на летување?


Келнер на плажа
(Фото: Pixabay)

Летувањето е желба речиси на секој млад човек, меѓутоа неретко е сложен потфат. Ограничувањата некогаш се однесуваат на времето, особено кога одморот не може да се вклопи со студиите или со работата. Од друга страна, тука се и финансиите кои варираат во зависност од дестинацијата. Сепак, некои млади избираат да работат и во текот на летувањето. На тој начин многумина ги истражуваат можностите за вработување на самото туристичко место, со што си комбинираат долго летување со доволна заработка за џепарлак. 
Еве што можат да работат младите за време на летниот одмор.

Келнер/Шанкер

Ова е едно од најбараните занимања. Заработката може да варира, во зависност од местото и од трудољубивоста. Работното место келнер/шанкер е едно од ретките при кое може да се работат две работи, т.е. во текот на денот во ресторан или хотел, а навечер во дискотека. За тој што сака да се забавува, може да се обиде да работи во барот на плажата.

Готвач

Работата во кујна е една од најнапорните сезонски работи. Се работи многу, што значи минимално слободно време. Заработката зависи од позицијата, т.е. дали станува збор за готвач/шеф на кујна или помошник, и секако од локалот. Специјалистите во оваа област можат да заработат многу повеќе.

Работа во ресторан за брза храна

Уште една од можностите за активен летен одмор е работата во ресторан за брза храна. Не е тешко да се најде, но воопшто не е лесно занимање.

Работа во хотел

Може да се каже дека оваа е најбараната работа. Позициите во хотелите можат да бидат различни, од келнер, готвач, па до обезбедување, вратар, чистач и сл. Вообичаено работодавците се посериозни и тешко може некој некого да го излажи. Важно е што храната и сместувањето главно се обезбедени.

Работа на базен

Работата на базен може да се однесува на расчистување на просторот, чистење, прием на гости, работа како спасувач и сл. и најчесто е поврзана со големи хотелски комплекси. Оваа позиција некогаш подразбира подалечна дестинација за која е потребен авионски патен трошок, затоа се препорачува добро да се провери договорот за работа дали ги покрива трошоците за пат, дали работата е сигурна и слични важни ставки.

Работа на плажа

Сите сме виделе луѓе кои по цел ден шетаат низ плажата и продаваат крофни, кочани, пијалоци и други намирници. Работата не е лесна, поаѓајќи од целодневната изложеност на Сонце и товарот што се носи. Во работа на плажа спаѓа и изнајмувањето лежалки, педалини итн.

Фотограф

Тој што има дарба за бизнис, од оваа работа може добро да заработи. Тоа значи дека оној што би се нафатил да го прави ова, мора да знае како да го продаде својот производ. Предност имаат оние кои поседуваат вештина за обработка на фотографиите.

Масер/Физиотерапевт

Во текот на летната сезона, голема е побарувачката на овој тип услуга во хотелите. Се разбира, кандидатите мора да имаат соодветно образование и одредено работно искуство.

Блогер

Новото време носи и нови занимања. Тој што ужива голема популарност на социјалните мрежи или уредува сопствен блог на тема патување, тогаш ова му е идеалното место за активен одмор. Заинтересираните можат да ги контактираат хотелите и да им предложат да напишат статија или серија статии за дестинацијата или за хотелот и местото. Исто така, тие што се пронаоѓаат во овој тип работа, можат да им се обратат на туристичките агенции и да им ја предложат истата работа. 

Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот