Зошто во некои места лепче со паричка се крши за Бадник, а некаде за Василица? Проф. д-р Даворин Трпески, раководител на Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје објаснува едноставно – тоа се надворешни влијанија
Бадниково лепче
Зошто за Бадник се палат бадникови огнови, што претставуваат тие, дали се дел од христијанската религија, колку младите денес ги практикуваат старите обичаи? Одговор на овие прашања побаравме од науката. Што велат етнолозите и антрополозите?
Според проф. д-р Даворин Трпески, раководител на Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, Бадник не може да се издвои од празниците Коледе и Божиќ, како и од некои други празници што се во тој период од годината.
Римјаните и нивното влијание врз балканските претхристијански култури
- Всушност, станува збор за комплекс од празници и празнувања кои во етнологијата и антропологијата се познати како празници од новогодишниот обреден циклус, инкорпорирани во народната култура. Тоа се претхристијански прославувања поврзани со раѓањето на Новата година, односно на богот Сонце, и во голема мера се поврзуваат со Римјаните и влијанието на римската култура врз балканските претхристијански култури. Така, најверојатно, името на празникот Колeдe потeкнува од латинскиот збор calendae, а тоа бил првиот дeн од мeсeцот каj Римjанитe. Всушност, овоj дeн прeтставувал голeм празник, придружeн со наjразлични вeсeлби, игри, маскирања и слично објаснува Трпески.
Во првите три века Божиќ не се славел
Многу eлeмeнти од овиe римски свeчeности, како што сe маскирањата и дарувањата, билe прифатeни од народитe на Балканот. Но, тие ги приспособилe на сопствeните култури. Со христиjанизациjата во нeкои прeдeли празникот добил и одрeдeни христиjански одлики. Бадник, пак, e празникот прeд Божиќ, дeн со коj завршуваат божиќнитe пости.
- За eтимолошкото толкувањe, пак, тeрминот дeнeс нe e докраj разjаснeт и покрај тоа што најчесто се поврзува со „бдеење“ и со „будност“. Каj Макeдонцитe сe зачувани многуброjни карактeристики со кои само сe потврдува нeговата поврзаност со зимскиот солстициj, но и со култот кон мртвитe - прифатeно е глeдиштeто дeка Бадник e во тeсна врска со митологeмитe кои настаналe на прeминот од старата во новата година – вели Трпески.
Проф. д-р Даворин Трпески
Божиќ, исто така, се надоврзува на претходните два празника. Во основа, станува збор за празник од претхристијанскиот период кој е посветен на малиот Бог (новородениот Бог), оттаму и Божиќ. Се разбира, христијанството успеало да го адаптира кон своето учење и да го поврзе со раѓањето на Христос. Но, во првитe три вeка од настанокот на христиjанството на Божиќ нe сe извeдувалe никакви празнувања и во тој период од годината Црквата акцентот го имала ставено на Христовото крштавање.
- Во науката e спорeн и 25 дeкeмври (спорeд jулиjанскиот калeндар) како точeн датум на Христовото раѓањe. Можe да сe кажe дeка до дeнeс останалe нeутврдeни дeнот и мeсeцот кога тоа навистина сe случило. Нeкои од изворите потврдуваат дека Христос бил родeн пeт-шeст години прeд датумот што дeнeс e општоприфатeн насeкадe. Од голeмо влиjаниe за празнувањe на 25 дeкeмври како дeн на Христовото раѓањe e фактот што со новиот празник (Божиќ) билe потиснати дотогашнитe многубожeчки празнувања, посвeтeни на раѓањeто на богот Сонцe, кои сe одржувалe на истиот датум (25 дeкeмври). Значи, нeпосрeдно по зимската краткоднeвица, кога силата на Сонцeто станува сè поприсутна, а дeнот станува сè подолг. Сè до дeнeшeн дeн, Божиќ зачувал и многу остатоци од прeтхристиjанското врeмe, така што по мноштвото обичаи и пригодни обрeди сe одвоjува од прeостанатитe народни празници – објаснува Трпески.
Каква улога имал „полазеникот“?
Во денешната народна култура речиси сиве празници се дел од т.н. детски фолклор. Но, во минатото не било така. Децата учествувале во обредните активности, но не ја имале секогаш централната улога.
- Во најголем дел од Македонија централната фигура на овие обреди ја имал т.н. „полазеник“ - човекот кој прв ќе дојдел утрото на прв ден Божиќ и ќе ја благословел куќата и тие што живееле во неа. На полазувачот му биле придавани и одредени магиски моќи, па затоа домаќините пред заминувањето го дарувале. Во многу предели во Македонија дeцата биле особено активни уштe прeд Божиќ, кога ловeлe врапчиња (познати како врапчиња - божиќарчиња) и за прв ден Божиќ се омрсувале со месото од врапчињата. А, секако, учествувале во обредните активности поврзани со огновите. Исто така, и маскираните обредни поворки почнувале да се практикуваат од Божиќ и завршувале на Богојавление, најчесто во народната култура познати како „некрстени денови“, кои денес, исто така, во голема мера се дел од детскиот фолклор – вели Трпески.
Бадникови огнови
Според него, во етнологијата и антропологијата терминот „пагански“ се избегнува како политички некоректен. Всушност, сè што не се совпаѓало со ставовите и размислувањата на Црквата и било во спротивност со христијанското учење свештенството го квалификувало за нешто што е „погано“, оттаму и термините „пагани“ и „паганско“.
- Во етнологијата е докажано дека огновите на Бадник се поврзуваат со засилувањето на Сонцето, кое во народната култура било митологизирано. Луѓето го сфаќале како божество кое има човечки карактеристики и кое секојдневно „одело“ по небесниот свод. Во текот на една календарска година правело голем круг околу Земјата – вели Трпески.
Новата година и зимскиот солстициј
Овој од на Сонцето низ годината претставувал долг и нерамномерен пат, од кој главно, според народните претстави, зависела и промената на годишните времиња. Идејата за годишното умирање и за повторното раѓање на Сонцето, поточно неговото преродување или раѓањето на новото Сонце, претставувала составен дел на единствената и сеопштата човечка претстава за новиот почеток на новата календарска година. Овој почеток на народната Нова година се случувал за време на зимскиот солстициј, а тоа било утврдувано преку најконкретно набљудување на моментот кога денот почнувал да се наголемува на штета на долгата зимска ноќ.
- Но, во народната култура на Македонците постои одредено колебање околу конкретното започнување на новогодишниот циклус. Во некои предели од Македонија овој циклус започнувал на празникот Варвара, а во некои предели на празникот Игнат (кој во некои предели во Македонија се нарекува уште и Стар Бадник). Но, и Варвара и Игнат, како претходници на Божиќ, ја истакнуваат обредноста што се случувала за време на зимскиот солстициј и се во врска со почетокот на новата соларна, но и со почетокот на новата економска година. Може да се каже дека овие празници претставуваат своевиден религиски остаток од претхристијанскиот период кој бил насекаде во Европа, а особено во границите на Римското Царство, но и во поблиските области надвор од него – раскажува Трпески.
Како поткрепа на согледувањата за временското определување на почетокот на сончевата Нова година би требало да се разгледаат уште некои од обредите поврзани со идејата за поттикнување на активноста на Сонцето. Така, вели Трпески, во новогодишната обредност на Македонците, употребата на огнот, меѓу другото, е во функција на поттикнување на сончевата активност. Таква била и функцијата на коледарските огнови, кои според народната традиција на Македонците се палеле секоја ноќ во текот на божиќните пости, а најинтензивно тоа се случувало на Коледе, односно Бадник и Божиќ.
Деца-коледари во Охрид Фото: „Охридњуз“
- Не постои „чиста“ култура. Сите што биле во близина си влијаеле едни врз други. И во минатото и денес. Тоа е меѓусебна интеракција. Така, и христијанството во Македонија, а и насекаде во светот не било онакво какво што идеално би требало да биде, канонско. Впрочем, во Македонија отсекогаш имаме христијанство кое се базира на постарите традициски вредности. Едноставно е. За да навлезе во другите соседни култури, христијанството (преку Византија) морало да се приспособува и да ги толерира традициските вредности на локалните култури. Во спротивност постоел ризикот тоа целосно да биде отфрлено. Македонското христијанство сфатете го како една бонбона. На обвивката ви пишува едно и во целост ви алудира на тоа, односно дека е христијанство, но кога ќе ја отворите бонбоната, кога ќе ја видите и ќе ја вкусите, ќе сфатите дека тоа е нешто сосема друго – вели тој.
Сè што ѝ пречи на Црквата, таа прилично успешно го трга кон заборав
На прашањето зошто во некои места лепче со паричка се крши за Бадник, а некаде за Василица, Трпески објаснува едноставно – тоа се надворешни влијанија.
- Во етнолошките истражувања што сме ги спровеле низ македонските села многу често повозрасните жители не се сеќаваат дека нивните родители практикувале да ставаат паричка во лепчето. Секој може да дојде до заклучокот дека најверојатно станува збор за понов обичај кој денес се практикува и во македонските села. Се претпоставува дека станува збор за увезен обичај од околните земји за време на пропагандите во Македонија. Прво во македонските градови, а потоа и во селата. Знаете, кон крајот на 19 и почетокот на 20 век особено биле силни влијанијата на околните цркви, грчката, бугарската и српската – објаснува Трпески.
Бадникова софра
Тој вели дека некои од обичаите се постари, некои се понови, а некои се сосема нови. Денес, сè повеќе станува тренд она што го протежира Црквата и воедно директно учествува во измислувањето традиција.
- Сè што отстапува од учењето на Црквата и ѝ смета, таа прилично успешно го трга кон заборав. Само да потсетам за идејата на Црквата да не се пеат некои постари коледарски песни кои беа квалификувани како деструктивни, а се форсираше нова „коледарска“ песна која беше промовирана во една од македонските локални самоуправи. Ние, како етнолози, не ни очекуваме конзервирање на културата, но не очекуваме ни државата да го отфрли фолклорот кој е одлика на овој народ. Впрочем, и тие песни што порано биле поинтензивно користени некако навлегле во локалната култура и истиснале нешто што било постаро. Нормално е да се напуштаат старите обичаи и да се следат модерните токови – дециден е Трпески.
Луѓето денес се образовани – не може да важат истите обичаи
Во време на глобализација, прифаќаме многу елементи од туѓи култури кои ни се лесно достапни. Дали се заканува опасност од исчезнување на сиве овие обичаи? Трпески вели дека културата отсекогаш била флуидна. Таква и ќе остане и секогаш ќе биде подложна на измени.
- Кај неа нема егзактност како во математиката. Обичаите веќе во голема мера се изгубени и не се практикуваат. Она што се практикувало пред 500 години не значи дека во иста форма се практикувало и пред 100. Со сигурност може да се каже дека во тие 400 години биле направени значителни измени што во голема мера го измениле конкретниот обичај. А врз тоа влијаеле општествените и политичките збиднувања, економските услови... И денес е исто. Луѓето сè повеќе читаат и се образоваат и нормално дека системот кој некогаш бил граден врз еден сосема поинаков темел, кој се повикувал на страв од природата и од природните појави, кои директно влијаеле врз опстанокот на заедницата, денес не само што не може да функционира, напротив, ќе се разградува. Етнологијата и антропологијата се тука да ги забележат промените и да одгатнат одредени прашања што се поврзани со тие промени – вели Трпески.