X
 03.05.2021 Наша тема

Музеи за сите, без физички препреки! Ирена Ружин го доближува материјалното и духовното богатство до лицата со посебни потреби

Предизвик за секој современ музеј е да се почитуваат човекови права, да се отстранат физичките препреки, (проблем кај голем број музеи сместени во згради кои се споменици на култура), но и да овозможи мултисензорно искуство. Тоа е грижа за публиката. Малите чекори ги прават луѓе со големо срце, свесност и желба за инклузија и пристапност, вели Ружин

На една од работилниците лицата со оштетен вид посакаа да ги посетат Хераклеја и црквата „Свети Ѓорги“ во Курбиново. Посакаа да го доживеат културното наследство на нашата земја, а не само да слушаат раскажувања за него, вели битолчанката Ирена Ружин, доктор од областа на туризмот, пионер во иницирањето проекти за пристапност на лицата со попреченост на Балканот до музеите. Таа е вработена во битолскиот Завод и музеј, но веќе неколку години интензивно работи на тоа да ги доближи обележјата на материјалното и духовно творештво на земјава до лицата со инвалидитет, со оштетен слух или вид.


Ирена Ружин

Посетители во колички не можеа да уживаат во изложбите

- Во Завод и музеј - Битола пред повеќе години имаше посета од лица со попреченост, со оштетен вид, кои ја слушаа приказната за постојаната поставка движејќи се низ неа, заедно со наш водич, но без можност за некое доживување, искуство. Потоа, посета на ученици со нивниот професор, интерпретатор на знаковен јазик кој се трудеше максимално да раскаже што зборува водичот. Но, доживувањето беше недоволно - раскажува Ружин.
Најболно било искуството кога пред неколку години посетител во количка ги чекал своите пријатели на влезот во Музејот. Го прашала дали сака некако да му помогне, а тој засрамено рекол дека ќе се обиде да ги посети другпат. И тоа е логично со оглед дека за да се стигне до поставките, мора да се искачат десетици скалила.



За да ја промени состојбата, Ружин помина низ многубројни работилници и обуки. Беше дел од тригодишната стручна обука од Балканската музејска мрежа, организирана во различни градови и држави на Балканот, каде што се презентираа добри практики од експерти од Обединетото Кралство. За време на пандемија вклучена е во разни обуки на платформи, а во Завод и музеј пред еден месец организира вебинар за искуствата со лица со оштетен вид на кој беа пријавени повеќе од 80 учесници од цел Балкан.

- Гордост е што денес на Балканот има музеи кои се декларираат како музеи за сите. Предизвик за секој современ музеј е да се почитуваат човекови права, да се отстранат физичките препреки, (проблем кај голем број музеи сместени во згради кои се споменици на култура), но и да овозможи мултисензорно искуство. Тоа е грижа за публиката. Малите чекори ги прават луѓе со големо срце, свесност и желба за инклузија и пристапност - вели Ружин.



Набавени гасеничари, подвижни рампи, куфер со тактилни предмети

За да се премостат скалите на битолскиот Завод и музеј, кој во турско време бил воена гимназија, набавија гасеничар (транспортер за инвалдиска количка) и подвижни рампи. Ружин создаде и мрежа од музеи на Балканот со кои заедно спроведуваат проекти. „Музеј за сите, музеј за понесување“, проект во партнерство со Роднокрајниот музеј од Књажевац, Србија, во чии рамки беше изготвен музеј во куфер со тактилни предмети, копии од значајни експонати, кои лицата со оштетен вид можеа да ги доживеат преку допир. „Допир на уметноста“ со Музејот на Зеница, Босна и Херцеговина, исто така со тактилни копии од двата музеи и организирани изложби, аудионарации и видеа на знаковен јазик. Потоа проектот „Ние во музеј“, поддржан од Министерство за култура, во кој се вклучени лицата со различна попреченост. Промовирана е и тактилната публикација за Хераклеја Линкестис - мозаик, а неодамна и каталогот на пристапни предмети, кои ги подготви м-р Јове Парговски. Тие се објавени и на веб-страница и постојано се надополнуваат.



Експонати преточени во тактилни слики, текстови со Брајово писмо

Изложбите со тактилни слики на експонати од Македонија и фасади од објекти под заштита гостуваат низ Балканот, што претставува голема промоција на нашето културно наследство на еден уникатен начин. На изложбите се презентирани 50 раритети. Реализирани се седум тактилни изложби во Србија, Босна и во моментов во Хрватска. Подготвени се тактилни копии и тактилни слики. За секој предмет е подготвен и текст на Брајово писмо, но и аудионарација, опис, бидејќи голем дел од лицата со оштетен вид не знаат да читаат Брајово писмо. Текстовите и описите се преведуваат на јазикот на земјата каде што гостува изложбата. Панелите на кои се поставуваат тактилните слики се лесни, приспособливи на секој простор, на кој се поставува и фотографија и текст (покрај тактилната слика и текстот на Брајово писмо). Тактилната слика е, всушност, релјефен приказ на експонатот, исполнет со различни форми и текстури, испечатен на специјална капсулна хартија, во печатачот пиаф фузер.



50 видеа на знаковен јазик

За потребите на посетителите со оштетен слух, подготвени се 50 видеа на знаковен јазик со професионален лиценциран интерпретатор на знаковен јазик, Катерина Шарковска од Заводот на лица со оштетен слух и говор „Кочо Рацин“ од Битола. На видеата во заднина се слуша нарација од милозвучниот глас на познатата битолска интерпретаторка Силвана Петрова Насух, која на магичен начин ја раскажува приказната за експонатот. Текстовите ги подготвуваат кустоси од Завод и музеј - Битола. Покрај музејските предмети се поставуваат QR-кодови, кои со скенирање со паметен телефон или таблет водат до веб-страница каде што се поставени аудионарациите, видеата на знаковен јазик, фотографии и текстови со опис за 50 експонати. Паметниот телефон се користи и како аудио или видеоводич.


Катерина Шарковска

- Овозможен е и бесплатен интернет за нашите посетители. Сите материјали се поставени на нашата веб-страница во категоријата Е-музеј, како и на „Јутјуб“, со што постојано е обезбедена достапност. Овој пристап е нов и евтин, а следува тестирање и дополнување во наредниот период. (https://muzejbitola.mk/en/category/e-museum/)“, вели Ружин.

Најмалиот посетител со оштетен вид има шест години

Лицата на кои им ги отворија вратите од музеите се благодарни и изјавуваат: „Ги видовме мозаиците”, „Видовме многу убави експонати” и слично.
- Зарем има поголема радост од тоа кога дете со попреченост сака да сподели приватен момент на радост со нас, како на пример: „Сакам со тебе да ја пробам новата топка“, „Ќе дојдеш на мојата роденденска забава“ или „Дојди на баклава“. Срцето ми го исполни пораката од лице со оштетен вид: „Ти направив корпа за цвеќе, рачна изработка“. Лицата со оштетен вид се поздравуваат со мене со: „Денес видовме прекрасни работи, се гледаме наскоро“, а порано се плашев да се поздравам на тој начин. Најмалото дете со оштетен вид кое беше вклучено во нашите активности имаше само шест години - вели Ружин.



Се радува што Министерството за култура секоја година сè повеќе поддржува проекти за лицата со попреченост. Воедно, сè повеќе музејски работници работаат на инклузија и пристапност. Ружин изработи студија за пристапност за Музејот на Војводина во Нови Сад и студија за пристапност за Археолошки музеј - Скопје, каде што го имплементираа и проектот за пристапност за лица со оштетен вид и слух. Во моментов е вклучена во проект за Музејот на холокаустот.

Ќе го воведат и мирисот како во Музејот на Ван Гог

Планираат во иднина во рамките на овие оригинални изложби да го доловат и мирисот за подобро сензорно искуство, по примерот на Музејот на Ван Гог во Холандија каде што покрај тактилната слика „Сончогледите“ поставена е и кутија со мирис на растенијата, или темната соба во Тифлолошки музеј - Загреб каде што сите посетители влегуваат, а не само лицата со оштетен вид, и имаат можност со сите сетила да почувствуваат разни звуци, мириси, текстура.
- Кога влегов и истражував, имав чувство дека сум поминала 20 метри и повеќе, за потоа моите колеги ми откријат дека собата е долга само 3 метри. Можностите да ги доближиме музеите до секого се бескрајни, само треба да се има љубов - додава Ружин.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема