Фото: Stiftung Jugend forscht e. V
Во 2013 година тинејџерот Џан Хорн присуствувал на прием во Берлин чиј домаќин била канцеларката Ангела Меркел. Тој и 64 други млади Германци биле доста успешни во владиниот натпревар организиран за да ги поттикне учениците да продолжат со научни истражувања.
Во случајот на Хорн, било успешно. Минатото лето, како 22-годишен истражувач на сајбер-безбедноста на „Гугл“, прв ги пријавил најголемите откриени слабости на чиповите. Индустријата сè уште се потпира на неговите наоди. Ова го направило славна личност, а неговата слава била потврдена со возбудливиот прием и прашањата што ги добил на индустриската конференција во Цирих минатата недела.
Интервјуата со Хорн и луѓето што го познаваат покажуваат како комбинација на одлучност и моќен ум му помогнале да ги пронајде недостатоците што биле присутни повеќе од една деценија, но останале неоткриени, оставајќи ги повеќето лични компјутери, интернет-сервери и паметни телефони изложени на потенцијално хакирање.
Другите истражувачи што ги пронашле истите безбедносни дупки неколку месеци по Хорн биле изненадени што тој работел сам. „Ние бевме неколку тима и имавме индиции за тоа од каде да почнеме. Тој почнал да работи од нула“, вели Даниел Грус, дел од тимот на Универзитетот за технологија во Грац, Австрија.
Хорн не сакал да открие голема ранливост во компјутерските чипови кога во април почнал да ги чита прирачниците за „Интел корп“, долги илјадници страници. Како што вели тој, едноставно сакал да се осигури дека компјутерскиот хардвер може да се справи со особено интензивниот дел од кодот за што го создал.
„Сфатив дека примерокот на кодот на кој работевме може потенцијално да пропушта тајни податоци. Потоа сфатив дека ова би можело, барем во теорија, да влијае повеќе отколку само фрагмент на кодот на кој работевме“, вели Хорн.
Со тоа започнал постепен процес на понатамошна истрага што довела до слабостите. Хорн вели дека бил свесен за другите истражувања, вклучувајќи ги Грус и тимот од Грац, за тоа како малите разлики може да им овозможат на напаѓачите да научат каде се чуваат информациите. Хорн го дискутирал ова со друг помлад истражувач од „Гугл“ во Цирих, Феликс Вилхелм, кој му покажал на Хорн слични истражувања што другите ги направиле.
Хорн се консултирал и со Роберт Свицки, постар колега од „Гугл“ чиј компјутер го позајмил за да ги тестира неговите идеи. Свицки го советувал како најдобро да им каже на компаниите за недостатоците, што Хорн го направил на 1 јуни. Со тоа се предизвикал хаос кај најголемите светски технолошки компании. Сите „трчале“ да ги закрпат безбедносните дупки - токму благодарение на Хорн.
Хорн сега е ѕвезда, барем во круговите на
сајбер-безбедноста. Тој добил громогласен аплауз од неговите колеги истражувачи кога ги презентирал своите наоди на конференцијата во Цирих, на 11 јануари.