По успешното лансирање на ракетата „Фалкон Хеви“ на компанијата „Спејс Екс“ во сопственост на Илон Маск се огласи и
НАСА...
Најсилната ракета „Фалкон Хеви“ ноќеска беше успешно лансирана во вселената заедно со автомобилот на Маск, „тесла раудстер“ во боја на вишна, кој извесно време ќе помине во Земјината орбита пред да продолжи на патот кон Марс.
Финансирањето на „Фалкон Хеви“ се проценува на 90 милиони долари, додека слична ракета што би ја испратила НАСА би чинела околу милијарда долари.
Со оглед на тоа што ова е голем успех на најголемата приватна вселенска компанија, многумина се прашуваа како ќе реагираат од НАСА на ваквиот историски подвиг.
Очекувано, тие ѝ честитаа на компанијата на Илон Маск на успешното лансирање на ракетата, но не заборавија да потсетат и на сопствените успеси.
„Сите што сме дел од ова знаеме колкав напор е потребен за првиот лет на секоја нова ракета и го признаваме неверојатното достигнување на кое денес присуствувавме. Многу сум горд на напорната работа на тимот на НАСА, особено на центарот ’Кенеди‘, во доменот на трансформацијата на лакот за лансирање во нешто мултифункционално. Историскиот успех на ’Фалкон‘ е тестамент на напорното работење за надминување на националната инфраструктура за лансирање во корист на комерцијалната индустрија“, истакна администраторот на НАСА – Роберт Лајтфут, потенцирајќи дека всушност НАСА ги обезбедила темелите за денешните успеси на Илон Маск.