X
 02.11.2024 Наука

Сателит на НАСА снимил необична глетка од вселената - во големо езеро се појавиле зелени витли

Во езерото Пирамид, во Североисточна Невада, се формирале необични зелени витли кои може да се видат дури и од вселената.

Во езерото, кое зафаќа површина од околу 500 квадратни километри, алгите цветаат речиси секоја година, но во 2024 година имало невообичаено големо количество на алги.

Сликите се направени од сателитот „Ландсат 9“ на НАСА, а членовите на племето Паиуте што живеат во областа изјавиле дека главната причина за необичната појава е екстремно високото ниво на алгите нодуларија спумигена.

Тоа се еден вид цијанобактерии - исто така познати како сино-зелени алги, кои обично можат да се најдат во топли, соленикави води и се одговорни за зелениот сјај што се појавува на водата секоја година. Иако изгледаат убаво, овие алги можат да ослободат опасни токсини, како микроцистин кој ја иритира кожата и може да предизвика оштетување на црниот дроб и на бубрезите.

Племето редовно го следи езерото и сега издало предупредување до посетителите да избегнуваат каков било контакт со водата.

- Сакаме луѓето да бидат свесни за опасностите и да не ги носат своите животни во езерото и да не им дозволуваат да ја пијат водата - вели Арон Бил, шеф на програмата за следење на квалитетот на водата, додавајќи дека тие препораки ќе траат околу две-три недели додека ситуацијата не се нормализира.

Езерото Пирамид се наоѓа на приближно 55 километри североисточно од Рено, Невада, и е дом на многу видови риби и птици, што го прави популарно место за љубителите на дивиот свет.

- Изгледа како супа од грашок. И иако цијанобактериите цветаат во езерото секое лето или есен, бурите што ја погодија областа во текот на летото предизвикаа брановите да разбијат многу материјал што потоа се спушти на дното - изјавил Бил.

Анализата на квалитетот на водата од Институтот од Сан Франциско покажала дека цијанобактериите  се зголемиле од крајот од септември.


Извор: jutarnji.hr

Фото: X/Twitter

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука