Јадете зеленчук. Спијте 8 часа на ден. Вежбајте. Ова се дел од речениците што постојано си ги кажуваме меѓу себе сметајќи дека си даваме добри совети. Но, многу од таквите реченици не се вистина. Ова се дел од најчестите клишеа поврзани со здравјето што не се вистинити:
1. Користиме само 10% од мозокот
Човечкиот мозок има речиси 100 милијарди неврони. Тие пренесуваат информација меѓу себе преку синапси, кои во мозокот ги има речиси еден квадрилион. Се состои од мозок, мал мозок и мозочно стебло. Големиот мозок е задолжен за повеќето функции што ги извршуваме, малиот мозок ја контролира основната координација и рамнотежата, а мозочното стебло кое е поврзано со ’рбетниот мозок ги контролира повеќето од автоматските функции, како што се дишењето и дигестијата. Што би било ако се користат само 10% од сите овие функции? Таа информација не е точна, а се смета дека потекнува од викторијанската ера. Само читањето на оваа статија активира повеќе од 10% од вашиот мозок.
2. Потребни се 7 години за да се свари гума за џвакање
Откако ќе се случи да голтнете гума за џвакање, сигурно многу пати ви рекле дека вашиот дигестивен тракт ќе ја вари гумата 7 години. Ова е комплетна лага. Сепак, точно е дека гумата за џвакање не е сварлива. Состојките како, на пример, засладувачите, можат да се сварат, но остатокот од гумата се движи низ дигестивниот систем без да се свари, а потоа излегува преку екскреторниот систем.
3. Чоколадата предизвикува појава на акни и проблеми со кожата
Не само што тинејџерските години се тешки сами по себе туку и многумина од нас растат со податокот дека јадењето чоколада ќе ни наштети на кожата. Сепак, таквата информација е неточна, но се разбира дека не е препорачливо да се јадат големи количини слатки работи, односно производи што содржат шеќери и масти бидејќи можат да предизвикаат мрсење на кожата. Но, чоколадата сама по себе нема да доведе до такво нешто.
4. Морковите го подобруваат видот
Морковите се одличен извор на бета-каротин, кој се претвора во витамин А за време на дигестијата, но витаминот А е придобивка за телото од повеќе аспекти, а не само за видот. За време на Втората светска војна пилотите од Велика Британија јаделе големи количини моркови, наводно за да имаат добар вид додека војуваат со Германците ноќе. Но, вистината е дека сите моркови на светот не би им биле доволни за да гледаат добро во ноќни услови.
5. Имаме 5 сетила
Верувањето дека имаме 5 сетила потекнува уште од времето на грчкиот филозоф Аристотел, кој бил првиот што ги утврдил петте сетила на човечкото тело – вид, слух, мирис, допир, вкус. Тоа е точно, но не се само тие. Што е всушност сетило? Претставува нешто со сензор што може да перципира одредена стимулација. Секое сетило се активира со уникатен феномен. Сетилото за допир, на пример, е многу покомплексно. Може да се подели во различни сензации, како перцепции на притисок, температура, болка. Сега се смета дека луѓето имаат 33 сетила. Тука се вклучуваат и крвниот притисок и рамнотежата, кои не сме ги сметале за сетила.
6. Виткањето на јазикот зависи од генетиката
Многумина веруваат дека способноста за виткање на јазикот е генска работа. Ваквиот мит произлегол во 1940 година кога американски научник тврдел дека оваа способност е наследна поради доминантен ген. Но, неговото тврдење траело кратко – кај двајца идентични близнаци, на пример, едниот можел, другиот не можел да го витка јазикот, што било доказ дека генетиката не е поврзана со оваа способност.
7. Топлината излегува од главата
Научниците спроведувале студии во 50-тите години во кои група лица биле изложени на ниски температури, а изгубиле солидна количина од топлината низ главите. Проблемот тука бил во тоа што лицата биле облечени во палта и само нивните глави биле изложени на елементите. Па така, се разбира дека ако телото е покриено и изолирано, а главата не е, ќе се изгуби поголем дел од телесната топлина преку главата.
8. Косата и ноктите растат и по смртта
Морничав податок, но невистинит. Нашите тела дехидрираат многу брзо по смртта. Кога тоа ќе се случи, кожата почнува да се збрчкува и да се вовлекува навнатре, па тоа ја дава илузијата дека ноктите и косата продолжуваат да растат. Спротивно, остатокот од телото започнува да се намалува.
9. Пукањето на зглобовите предизвикува артритис
Иако постои ова верување, сепак, многу студии покажале дека не постои поврзаност помеѓу пукањето на зглобовите и појавата на артритис. Но, препорачливо е да се откажете од оваа навика бидејќи не само што не е пријатна за гледање туку е поврзана и со послаба потпорна сила.
10. Бричењето на брадата предизвикува раст на нова, потемна брада
Сигурно сите го знаат податокот дека бричењето ќе предизвика раст на нови, посилни и потемни влакна. Но, се работи за лага. Ова
верување се сведува на перцепција. Како што влакната повторно растат, можно е да сме под влијание на нашите веќе постојни предрасуди. Впрочем, промените во растот на влакната може да се предизвикани и од низа хормонски промени.