X
 22.02.2016 Здравје

Дали органската храна е повеќе хранлива?

Научниците долго време се обидуваат да одговорат на прашањето: Што навистина добивам од органската храна?

 

hrana


А резултатите од најновото истражување објавено оваа недела во „British Journal of Nutrition“ додава повеќе докази дека органското производство може да ги зголеми клучните хранливи материи во храната.

Истражувањето утврди дека органските млечни производи и месото содржат 50% повеќе омега 3 масни киселини. Зголемувањето на овие масни киселини е резултат од хранењето на животните со трева богата со омега 3 масни киселини. Наодите се базираат на податоците обединети од повеќе од 200 истражувања во Америка кои укажуваат на слични бенефиции.

„Омега 3 масните киселини се поврзани со намалување на кардиоваскуларните болести, подобрување на невролошкиот развој и функција и подобрување на функцијата на имунолошкиот систем“, вели ко-авторот на истражувањето Крис Сиал, професор за нутриционизам на Универзитетот во Њукасл, Велика Британија.

Наодите се дел од растечкиот број на докази кои документираат како земјоделските методи можат да влијаат врз хранливата содржина на храната.

Друго големо истражување објавено во 2014 година, открива дека органските култури - од моркови до брокули, јаболка и боровинки - имаат значително повисоки концентрации на голем број антиоксиданси и други потенцијално корисни состојки. Ревизијата вклучува податоци од повеќе од 300 истражувања.

На пример, органските култури имаат околу 50% повеќе антоцијани  во споредба со конвенционалните култури. Антоцијаните се соединенија кои на овошјето и зеленчукот им дава пурпурни и црвени нијанси.

Консумирањето на овие соединенија е поврзано со различни бенефиции, како и анти-воспалителни ефекти. Флавонол соединенијата ги има во овошјето и зеленчукот и кои ги заштитуваат клетките од оштетување и во борбата со болестите.

Како се објаснуваат овие придобивки во антиоксидансите и другите корисни состојки во органските култури? Како што Сил објаснува, се` се сведува на стресот.

Органските култури имаат тенденција да бидат изложени на високо ниво на стрес - вклучувајќи и напади од инсекти, вели Сил. Каков одговор на тоа тие формираат соединенија кои им помагаат во борбата против стресот. На пример, ако мувата дојде во допир со морков и ја гризне, какви други опции има самото растение?

Ако е конвенционално одгледуван морков, пестицидите можат да се искористат за да ги одвратат штетниците.

Но во органското земјоделие, морковот ќе мора да вложи малку повеќе напор за да се одбрани и погрижи за себе. Сил објаснува дека морковот произведува соединенија познати како полиацетилен  кој му дава горчлив вкус на морковот кога мувата ќе гризне, со што мувата одлетува.

Истражувањата кај животните сугерираат дека полиацетилните соединенија може да играат голема улога во намалување на воспалението и ризикот од рак, но не е јасно колку треба да се јаде за човекот да добие некаква корист.

Тековните истражувања имаат за цел да одговорат на ова прашање, со оглед на тоа дека нашата исхрана е толку сложена и нашите тела не можат да ги апсорбираат сите хранливи материи што ги јадеме. Всушност, генерално земено, ова е предизвик во обидот да се изолираат придобивките од микронутриентите во нашата исхрана.

Друга разлика помеѓу органските и конвенционалните култури е начинот на кој растенијата добиваат азот. Конвенционалните култури добиваат стабилна доза на азот од синтетичките ѓубрива, додека органските култури се потпираат на плодоредот и компостирањето.

Истражувањето за домати спроведено на Универзитетот во Калифорнија, во 2008 година открива дека органските домати имаат речиси двојно повеќе концентрација на корисни флавоноиди познати како кверцетин, во споредба со конвенционалниот домат кој расте во соседната област.

Сепак, голем број на луѓе остануваат скептици. „Ваквите мали промени не би претставувале ниту хранлива ниту здравствена корист“, пишува Јан Гивенс, професор по нутриционизам на Универзитетот во Ридинг. Во соопштението за новите сознанија, Гивенс укажува дека префрлувањето од конвенционалното млеко на органско млеко ќе ги зголеми омега 3 на многу мали маргини.

Анализата од страна на истражувачите на Стенфорд Универзитетот објавена пред неколку години заклучи дека не постојат докази дека органското овошје и зеленчук се похранливи во целина.

Доколку гледаме во поголемата слика, голем број експерти велат дека од здравствена гледна точка, она што го јадете поважно е од тоа дали треба да изберете органска или конвенционална храна. 
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје