X
 10.02.2018 Наука

Диносаурусите биле премногу успешни за свое добро


Диносауруси со долги вратови
(Фото: Pixabay)


Британските научници дошле до заклучок дека диносаурусите биле премногу успешни за сопствено добро, пишува Би-би-си. Најголемиот проблем бил во тоа што ги зазеле речиси сите живеалишта на Земјата. И веќе во тој период почнале да умираат. Од своите корени во Јужна Америка, почнале да мигрираат во сите други живеалишта на планетата. Со миграциите се појавиле стотина различни видови диносауруси, од тирекс до огромниот диплодокус со долг врат.

Теоријата ја објавиле во списанието „Nature ecology and evolution“ и таму се тврди дека диносаурусите останале без простор за експанзија. Непосредно пред да се појават диносаурусите, владеело изумирање познато како Голема смрт. Диносаурусите го искористиле она што останало од големото изумирање и брзо се ширеле по уништената планета. Ширењето од овие размери им било овозможено поради тоа што немале никакви противници – не морале да се натпреваруваат за храна, простор или ресурси со други суштества. Со оглед на тоа што се приспособиле на сите живеалишта на земјата, се забавил нивниот напредок. Ударот од астероид го преживеале само летачките диносауруси кои станале птици какви што ги знаеме денес.

Меѓутоа, не се сите научници уверени во идејата дека диносаурусите биле во изумирање пред астероидот да ја удри Земјата. „Диносаурусите континуирано се диверзифицирале во текот на периодот креда кога континентите се поделиле на помали единици“, рекол проф. Дејвид Мартил од Универзитетот „Портсмаут“, кој не е поврзан со истражувањето. Тој смета дека тие постигнале разноликост на крајот на кредата, меѓутоа, нивниот развој бил спречен од ударот на астероидот.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука